Нови санкции на ЕУ, Русија подготвува соодветен одговор

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека „адекватно“ ќе одговори на новите санкции на Европската унија заради украинската криза, додавајќи дека усвојувањето на тие мерки нема да помогне во решавање на судирот во Украина.

Одлуката на ЕУ да ја прошири листата со санкции против Русија е посебно апсурдна, ако се земе предвид најновата спогодба од Минск, постигната на 12 февруари, се наведува во соопштението што го пренесува ТАСС.

Министерството за надворешни работи во соопштението наведува дека една работа е сосема јасна, а тоа е дека таквата одлука, по што ќе следи и адекватна реакција, е спротивна на здравиот разум и нема да придонесе кон пронаоѓање решение за судирот во Украина.

Москва е изненадена и збунета од воведувањето нови санкции, се наведува понатаму во соопштението, во кое се истакнува неконзистентноста на одлуката на Брисел.

Забележен е недостаток од доследност и логика во делувањето на Брисел кој секогаш кога ќе се појави надеж дека ќе биде постигнато решение за кризата во Украина брза да воведе нови санкции кон Русија, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Одлуката за проширување на санкциите со 19 нови имиња и девет правни лица минатата недела ја донесоа министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, а таа денеска стапи во сила со објавување на листата на новосанкционирани.

На листата на правни и физички лица од Русија и Украина, на кои Европската унија им воведе санкции, се наоѓаат двајца заменици на рускиот министер за одбрана и козачката национална гарда и движењето „Новорусија“.

Првиот заменик министер за одбрана на Русија, Аркадиј Бахин, заменик министерот Анатолиј Антонов и заменик началникот на Генералштабот Андреј Картаполов се на врвот од листата . На неа, исто така, се наоѓаат и 14 Украинци и петмина руски функционери на кои од денеска им е забрането да патуваат во ЕУ и да располагаат со имотот на нејзина територија.

Повеќето останати лица на кои им се воведени санкции се цивилни и воени лидери на самопрогласените „Народни републики“ Доњецк и Луганск.