четврток, 30 март 2017  |  Вести денес: 0

Нови седум милиони евра помош за намалување на ризиците од поплави

103313946

Последни вести

Стартува втората компонента од Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите, вредна седум милиони евра.

Програмата, проектирана на вкупно 10 милиони евра, ќе се одвива во наредните 2,5 години, а е наменета за помош на Македонија во надминување на штетите од поплавите во 2015 година, како и за реконструкција и градење поотпорна инфаструктура која ќе спречи поплави во иднина.

Втората компонента предвидува поддршка во спроведување приоритетни мерки за намалување на ризиците од поплави во најпогодените подрачја, додека првата, од три милиони евра, потпишана на 11 декември 2015 година се однесува на реконструкција на оштетените патишта и мостови и нејзината имплементација е во тек.

Целта на новиот проект, финансиран од Европската унија, имплементиран од Програмата за развој на ОН (УНДП), е да се реконструира оштетената водостопанска инфраструктура на шест локации во источниот, западниот, југоисточниот и пелагонискиот регион во земјата, да се обнови регулацијата на речните корита и одводните системи на речните басени на Црна река и реката Струмица и да се рехабилитира и подобри управувањето со четири брани од приоритетно значење, Мавровица, Слатина, Дренска Река и Липа.

Проектот ќе обезбеди и целосна поддршка на релевантните институции во примената на нови пристапи со цел подобро управување со новата инфраструктура и поголема отпорност на поплави.

Концептот на „градење подобро“ ќе се употреби за да се постигне максимална отпорност и намалување на ризиците од поплави во најизложените региони во земјата.

Проектот ќе се имплементира во соработка со локалната власт во погодените подрачја, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање и Водостопанство.

Најчитани вести