Нови шест специјалистички ординации склучија договор со ФЗОМ

 

Фондот за здравствено осигурување на Македонија склучи договори со шест нови специјалисти во четири градови во државата кои станаа дел од мрежата на здравствени установи, и со тоа им овозможи на осигурениците да добиваат специјалистичка здравствена заштита на товар на Фондот.

Фондот има склучено договор со 173 приватни специјалисти по медицина за кои годишно за исплата се предвидени 201 милион денари. Новите шест специјалисти кои склучуваат договор со Фондот за здравство ќе почнат со работа од 1 ноември 2016 година. За нив до крајот на годината за два месеци Фондот ќе исплати 864 илјади денари, односно по 72 илјади денари месечно по специјалист. Новите специјалисти ќе обезбедуваат специјалистичка здравствена заштита од дејноста интерна медицина и тоа тројца специјалисти ќе се во Скопје, во општините Гази Баба, Аеродром и Бутел, а по еден специјалист во Струмица, еден во Кавадарци – Ваташа и еден во Битола. Ова претставува дополнително зајакнување на специјалистичката здравствена заштита во градовите во внатрешноста.

Услугата од специјалист се добива по извршен преглед и упатување од матичен лекар и за истиот преглед специјалистот кој има договор со Фондот, смее да наплати само партиципација за здравствената услуга предвидена со закон. Интернистите обезбедуваат здравствени услуги како што се: стрес тест, ехо на абдомен, ехо на срце, ехо на тироида, ехо со доплер на крвни садови, ЕКГ и ЕКГ холтер (24 часовно за аритмија и/или хипертензија), спирометрија и други интернистички здравствени услуги. Во обезбедувањето на здравствените услуги, овие приватни здравствени установи се изедначени со јавните здравствени установи.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија склучи договор со ПЗУ Д-р Александар Манолев во Бутел Скопје, со ПЗУ Вита Мед-ЛД во Аеродром Скопје, со ПЗУ Ехолаб Плус во Гази Баба Скопје, со ПЗУ Д-р Владо Хаџиев – Битола, со ПЗУ Калина во Струмица, со ПЗУ Медика Пењушкови во с. Ваташа, Кавадарци.

Како што кажавме, од 1 ноември 2016 година приватните здравствени установи започнуваат со работа со договор со ФЗОМ. Зголемувањето на бројот на нови специјалисти истовремено значи и поголем избор на осигурениците за добивање на специјалистичка здравствена заштита, но исто така е и растеретување од гужвите во јавното здравство за таа дејност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.