Нови сознанија за киднапирањето на малата Маша во Белград

Француските истражни органи кои водат паралелна истрага околу тројцата нивни државјани, кои во Србија ја киднапирале малата Маша, дошле до сознание дека девојчето требало да биде предадено на трговци со органи.

Мишел Себастијан, заедно со својата сестра и мајката на неговата сопруга, во Србија се обвинети за киднапирање. Француската полиција случајот го истражувала поопширно, па дошла до сознанија дека тројцата се поврзани со криминална група која се занимава со трговија на органи. Поради тоа не се исклучува можноста детето да било киднапирано токму за таа цел.

Француските државјани кои на 13-ти март ја киднапирале 2-годишната Маша на улицата “Браќа Јерковиќ”, не ја пронашле Маша преку социјалните мрежи, како што тврделе претходно, туку ја одбрале по случаен избор додека шетале низ Белград.

Полицијата во целост го реконструирала движењето на Французите од моментот кога од Романија влегле во Србија. Тие прво биле во Панчево, се прошетале низ трговскиот центар, а бидејќи немале успех во својата намера, тргнале кон Белград. Шетајќи низ белградските улици, завршиле во населбата “Браќа Јерковиќ”, каде што се случило киднапирањето.

Иако најпрво тврделе дека немало да ја повредат малата Маша, новите сознанија на француската полиција укажуваат на страшен епилог.