Балкан

Нови штрајкови во Грција пред гласањето на парламентот за реформските мерки

Нови штрајкови во Грција пред гласањето на парламентот за реформските мерки

Јавниот транспорт во грчката престолнина Атина е во прекин, а десетици летови се откажани или одложени во понеделникот поради низата нови штрајкови кои се одржуваат додека се очекува гласањето во парламентот за реформските мерки коишто од Грција ги очекуваат нејзините меѓународни кредитори.

Синдикатите организираа штрајкови, меѓу кои и тричасовен прекин на работата на контролорите на летањето, штрајк на јавниот транспорт во Атина и на јавните службеници во училиштата и јавните здравствени установи.

Меѓу мерките коишто парламентот на Грција би требало да ги усвои подоцна во понеделникот се потешкото остварување на правото на штрајк за синдикатите кога сакаат да закажат протесен прекин на работата и полесното преземање на имотот под хипотека.

Штрајкувачите протестираат против реформата со којашто се предвидува дека за да може да се одржи штрајк, според новите одредби, треба да се изјаснат 50 отсто од регистрираните членови на синдикатите, наспроти сегашните 20 проценти. Синикатите најавија и низа демонстрации против усвојувањето на овие мерки во центарот на Атина, во близина на парламентот.

Се очекува дека програмата за меѓународна помош на Грција со која го избегна банкратот на чиј раб беше пред неколку години оваа презадолена членка на ЕУ да биде завршен во август. Грција досега прими три транши кредити и помош во вкупен износ од неколкиу стотици милијарди евра, од земјите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои ослободувањата на сите транши од заемите ги условуваа со воведување остри мерки за штедење.