Нови свлечишта и одрони во Источна Македонија

На регионалниот пат Крупиште – Пробиштип кај селото Неокази се појави ново свлечиште. Кире Коцев, техничкиот директор на ЈП Македонија пат изјави дека екипите работат на санирање на свлечиштето, а сообраќајот се одвива во отежнати услови по една коловозна лента.

– На терен сме заедно со инспекторот за патишта. Имаме решение да го пресечеме патот во должина од 50 метри во текот на утрешниот ден и да се издаде забрана за сообраќај во рок од три дена. Ќе се направи дренажа и верувам дека во рок од три дена ќе биде пуштен патот за сообраќај, истакна Коцев.

Тој дополни дека како алтернативен пат жителите на Пробиштип ќе го користат патот кај селото Ратавица за да стигнат до Штип.

Коцев посочи дека треба внимателно да се вози и по магистралниот пат кон граничниот премин кај Делчево, бидејќи на потегот од виничкото село Истибања до Македонска Каменица поради постојаните врнежи од дожд во изминатите 20 часа се појавуваат одрони од камења на коловозот и помали свлечишта, но екипите на Македонија пат се на терен и постоајно го чистат патот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.