Нови тензии во односите меѓу САД и Куба

САД денеска изразија загриженост поради апсењето и ставањето во домашен притвор на неколку дисиденти на Куба само две недели откако Вашиннгтон најави историски план за нормализација на односите на двете земји.

– Длабоко сме загрижени од последните извештаи за притворање и апсење на членови на мирољубивото граѓанско движење и на активисти на Куба, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Американската Влада повторно ја обвини Хавана за недоволно почитување на човековите права во однос на слободата на изразување и слободата на собирање.

– Силно го осудуваме продолжувањето на гонењето и самоволните апсења од страна на кубанската Влада со цел да ја задуши критиката, да ги спречи мирните собири и слободата на изразување и да ги заплаши граѓаните, се наведува во соопштението.