Нови урбанистички планови во функција на локалниот економски развој на Општина Илинден

Општина Илинден во Средното општинско стручно училиште „Илинден“, го изложи на Јавен увид Нацрт Урбанистичкиот план за село Марино, за плански период 2014-2024 година.

Сите заинтересирани правни и физички лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови што во периодот од 10:00  до 18.00 часот ќе можат да ги најдат во училиштето, но и во просториите на Општината, како и на веб страницата на Општина Илинден www.ilinden.gov.mk

Со урбанистичкиот план чија површина на плански опфат изнесува 204,39 хектари се предвидуваат следните намени на земјиштето: домување, комерцијални и деловни објекти, јавни институции, производство, дистрибуција и сервиси, зеленило и рекреација и инфраструктура.

Во функција на локалниот економски развој, со донесувањето на овој урбанистички план се овозможува граѓаните да можат да ги прибават потребните одобренија за градење, за доградби, надградби, реконструкции на своите објекти, како и вклопување на веќе легализираните објекти. Со дооформување на градежните парцели  ќе се овозможи побрз развој преку подигање на стандардот на културно-образовните, здравствени и спортски објекти, како и решавање на проблемот со узурпација на државното земјиште, регулирање на атмосферските води и отворените одводни канали.

Паралелно со ова Општина Илинден работи на подготовка на нови урбанистрички планови и за другите делови од Општината.