Нови велосипедски патеки по должината на булеварот „Свети Климент Охридски“

Градот Скопје во рамки на реализацијата на проектот за нова велосипедска инфораструктура „Скопје Велоград 2017“, изминатиов период работи на велосипедските патеки по должината на булеварот „Свети Климент Охридски“, којшто е еден од главните конектори во централното градско подрачје.

Во вторникот увид во работите извршија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и директорот на Јавното претпријатие „Улици и патишта“, Синиша Ивановски.

„Првпат во Скопје и Република Македонија, дел од велосипедската патека ќе биде на самиот коловоз, поточно се одзема дел од просторот за автомобили и истиот ќе биде наменет за велосипеди. Ова се реализира на дел од булеврот ’Свети Климент Охридски’, поточно на потегот од крстосницата со улицата ’Димитрија Чуповски’ и булеварот ’Митрополит Теодосиј Гологанов’ до крстосницата со булеварот ’Илинден’ кај објектот на Владата на Република Македонија. На овој простор последната коловозна лента ќе биде наменета за велосипедистите, каде што истата е обележана со посебна лента, на лентата за подобра видливост се поставени катадиоптри“, рече Трајановски.

Скопскиот градоначалник притоа констираше дека, за жал, несовесни возачи постојано ја узурпираат велосипедската лента и тротоарите, оставајќи и паркирајќи ги нивните возила.

„Апелираме до возачите да не паркираат на велосипедските патеки, како и да не застануваат на потегот каде што велосипедските патеки ќе бидат на самиот коловоз. Апелираме до Министерството за внатрешни работи да биде поактивно на терен и да работи на ослободување на велосипедските патеки и да овозможи нивно непречено функционирање. Поради оваа зачестена појава, се одлучивме за дополнително физичко оградување на велосипедската сообраќајна лента од лентите за моторните возила, со специјални заштитни гумени столбчиња, со кои сметаме дека ќе се зголеми безбедноста за велосипедистите“, додаде градоначалникот Трајановски.

Специјалните гумени заштитни столбчиња се со височина од 30 сантиметри, еластични се и имаат портокалова боја со бела рефлектирачка фолија за подобра видливост и при удар се враќаат наназад, поточно не ги оштетуваат возилата.

Преостанатиот дел од велосипедската патека по должината на булеварот „Свети Климент Охридски“, поточно од крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до крстосницата со улицата „Свети Кирил и Методиј“ кај зградата „Нова Македонија“ и седиштето на Делегацијата на Европската унија од другата страна. Работите на терен ги изведуваат екипите на „Урбан Дизајн“ ДОЕЛ, за што град Скопје ќе издвои 2,7 милиони денари.