Донација од ЕУ: Нови возила за АВРМ

Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) доби донација од 10 нови возила во вредност од околу 100.000 евра од фондовите на ЕУ, пренесува МИА.

Возилата се обезбедени преку ИПА  програмата со цел да се подобри ефикасноста на АВРМ. Со нив треба да се подобрат услугите на Агенцијата и да се намали невработеноста која претставува проблем за земјата. Со новите возила очекуваме да се подобри пристапноста на АВРМ и да се зголемат нејзините капацитети за намалување на невработенста, изјави Мартин Клауке од Делегацијата на ЕУ во Македонија по предавањето на донацијата.

Нови возила за АВРМ
Нови возила за АВРМ

Покрај донацијата на возила, Клауке нагласи дека ЕУ со АВРМ спроведува и многу други проекти, како твининг проекти и различни обуки кои имаат буџет што достигнува до речиси 5 милиони евра.

Со нови возила АВРМ ќе ги промовира новите проекти

Директорот на АВРМ Влатко Поповски, се заблагодари за донацијата и истакна дека со новите возила ќе станат уште помобилни и ќе ги намалат трошоците за одржување, бидејќи се работи за нови возила, кои, како што рече, ќе трошат помалку гориво, помалку ќе загадуваат и ќе ја завршат целта за која постои Агенцијата, односно да вработи што е можно повеќе луѓе и да најде што е можно повеќе работници за работодавачите.

Во наредниот период АВРМ со овие возила ќе отпочне уште неколку активности кои се многу битни во делот на промоцијата на мерките на Агенцијата, односно ќе обезбеди достапност на мерките до сите лица кои имаат потреба од вработување, рече Поповски, додавајќи дека наскоро ќе бидат обелоденети уште неколку проекти што ќе се реализираат заедно со ЕУ.

Поповски посочи дека вториот бран, кој започна во февруари годинава, веќе ги дава првичните резултати. Како што рече, многу луѓе почнаа да одат на практична работа, да бидат обучувани и да добијат сертификат за некое занимање.

Проектите на АВРМ даваат резултати

Од почетокот на годинава во приватниот сектор се отворени над 15.000 нови работни места, а преку Програмата за самовработување во делот на добивање неповратни средства со грант од 5.000 евра првите 500 селектирани бизниси се во завршна фаза на регистирање, односно доделување на опрема и репроматеријали. Во делот на кредитирање веќе е завршена фазата на едукација и почува фазата на доделување на ваучери и избор на експерти кои ќе им помогнат за изработка на бизнис план кој подоцна ќе биде финасиран.

Нови возила за АВРМ
Нови возила за АВРМ

Проектот за практиканство, пак, е отворен оглас на кој може  да конкурира секоја компанија. Овој проект се финасира со пари од ЕУ  со вториот грант за АВРМ и досега се склучени 560 договори, а во наредните две недели ќе се склучат уште 80 договори. Паралелно пристигнуваат апликации од работодавачите за нови договори за нови практиканти. Се надевам дека до крајот на годинава бројката на практиканти ќе достигне до 1.000 луѓе, појасни Поповски.

Директорот на АВРМ ги повика компаниите да  дојдат во АВРМ и да поднесат апликација која, како што рече, ќе им биде одбрена за најкасно две недели. Тој информира дека најмногу практиканти има во банкарскиот сектор каде се апсорбираат правници и економисти по што следат услужниот и производствениот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.