Нови возила за Итна медицинска помош во Скопје

Набавка на 12 нови возила и 75 нови вработувања во Службата за итна медицинска помош најави министерот за здравство Никола Тодоров.

Во итната медицинска помош до крајот на годинава ќе бидат вработени 35 доктори, 20 медицински сестри и 20 возачи.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека сите нововработени лица ќе бидат упатени на едномесечно едукација во странство односно посебна едукација ќе поминат и докторите и сестрите и возачите. Новите тимови ќе почнат со работа во средината на февруари, пренесува МИА.

Со ова, посочи, ќе се намали просечното време потребно за интервенција односно да овозможиме екипата на ИМП да стигне што е можно побрзо до местото без оглед колку е оддалечено конкретното место од централното градско подрачје.

Потенцира дека поставуваат таргет на Министерството за здравство и Здравствен дом Скопје, кој е за период од три години, а целта е просечното време на реализација на повик да го намалат за 50 отсто односно од 38 минути на 19 минути, со што ќе имаме најкратко просечно време за реализација на повик од ИМП во цел регион.

Одлучивме да отвориме нови пунктови на ИМП во Петровец, Сарај и Чучер Сандево. На пример, во Катланово побрзо ќе пристигне екипата ако доаѓа од пунктот кој се наоѓа во Петровец отколку како досега ако доаѓа од пунктот кој се наоѓа во Ченто, а во населените места кај Групчин побрзо ќе пристигне екипата од пункт во Сарај отколку како досега ако тргне од Ѓорче Петров или од Карпош, рече Тодоров.

Посебно значајно и во правец на сериозно намалување на времето на реакција, нагласи, е отворањето на пункт во Чучер Сандево бидејки возилата наместо од Чаир да патуваат повеќе од 15,20 минути до оваа општина, ќе ги имаме поставено таму.

Инаку, пунктот во Чучер Сандево ќе ги покрива следните населени места: Љубанци, Љуботен, Кучевиште, Сандево, Бањани, Глуво, Блаце, Бродец, Танушевци, Брест, Малино, Побожје, Кучевишка бара, Мирковци, Бразда. Ова е многу значајна мерка имајќи предвид дека службата за ИМП при Здравствен дом Скопје е прва линија на давање итна 24-часовна здравствена заштита во делот на ургентна вонболничка медицина за потребите на населението на град Скопје, како и поголем број околни населени места, истакна Тодоров.