Македонија

Нови законски решенија за безбедност на сообраќајот

Нови законски решенија за безбедност на сообраќајот

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 63. седница го поддржа Предлог- законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во прво читање, јави МИА.

Предлог законот го образложи заменик министерот за внатрешни работи Земри Ќамили кој истакна дека станува збор за нов закон чија цел е надминување на досегашните недоследности и проблеми кои се појавуваа во пракса и поефикасно функционирање во областа на безбедност на сообраќајот, како и усогласување со европската регулатива во оваа област.

Новини кои се воведуваат, рече, се однесуваат на дополнувања на обврските на правните и физичките лица кои изведуваат работа на пат, со обезбедување на местото на работите, истовремено се врши и промена на надлежноста за издавање на одобренија за времена измена на сообраќајниот режим на автопатишта, магистрални и регионални патишта на Министерството за транспорт и врски по претходна согласност од МВР.

Во врска со употребата на мобилен телефон при возење предвидена е можноста за возачот таксист да употребува мобилен телефон, како и други уреди на начин што нема да се спречи реакцијата и возењето на возилото. Се предидува и пораст на глоби за возачот кој од земјен пат се приклучува на коловоз, кој има обврска да застане и да ја исчисти земјата од пневматиците, рече Ќамили.

Значајна новина во Предлог- законот за безбедност на сообраќајот се воведува и во однос на местата забранети за запирање и паркирање. Имено, покрај досега забранетите места за запирање и паркирање, се додаваат и плоштади, пешачки зони и противпожатрен пат, како и паркинг места кои со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано место за паркирање на возила за лица со посебни потреби.

Во однос на употребата на светлата предвидено е ново решение во насока на задолжителна употреба на запалени светла за време на управување со возило само во периодот од првиот самрак до потполно разденување, како и дење во случај на намалена видливост. Кај мотоциклите, пак, задолжителна е употребата на светла дење и ноќе, а се предвидува и соодветно светлосно обележување и на велосипедистите заради нивна поголема безбедност во сообраќајот.

Ново законско решение се предвидува и во однос на Европскиот извештај при сообраќајка со мали материјални трошоци при што учесниците во сообраќајката ќе треба прво да го пополнат и потпишат Европскиот извештај, а веднаш потоа да ги отстранат возилата од коловозот со цел да овозможат непречено одвивање на сообраќајот.

Предложениот закон содржи нов концепциски пристап и во делот на казнената политика за прекршоците од областа на сообраќајот на патиштата, која, се наведува во образложението, целосно е усогласена со системот на казнување предвиден во Законот за прекршоците.

Предложениот Предлог- законот за безбедност на сообраќајот нуди и концептуално нови решенија во делот на оспособување на кандидатите за возачи, возачи, автошколи и испитни центри и возачки дозволи, односно проверка на стручноста на возачите-инструктори. Со предложеното решение се надминува досегашниот начин на спроведување на возачкиот испит и зголемување на степенот на квалитет на обуката на кандидатите за возачи односно возачите-инструктори.

Заменик министерот Ќамили истакна дека во процесот на изготвување на Предлог законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, користени се компаративни искуства од соодветните закони на Сојузна Република Германија, Француската Република, Република Словенија и Република Хрватска, како најблиски до условите во кои се оспособуваат и остваруваат функциите во областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, со цел решавање на наведените прашања согласно европските стандарди што важат во оваа област, при што, нагласи тој, најголем дел од одредбите содржани во предложениот закон, претставуваат обид одредени прашања и проблеми да се разрешат врз основа на стекнатите искуства и тоа на начин кој би одговарал соодветно на приликите и потребите во Република Македонија.

Со Предлог законот се врши усогласување со две директиви и тоа со Директивата на Европскиот парламент и Советот за задолжителна употреба на сигурносни појаси во возила со тежина помалку од 3,5 тони и воедно зголемување на безбедноста на децата што се превезуваат во возилото преку предвидување на обврска за поставување на детско седиште за дете помало од пет години во патнички автомобил на задното седиште како и превоз на дете до две години на предното седиште под услов ако возилото нема заштитно воздушно перниче, како и со Директива бр. 2006/126/ЕЗ на Европскиот парламент и Советот од 20 декември 2006 година за усогласување на категориите на возачки дозволи, рече меѓу другото Ќамили.

Во текот на дебатата Павле Трајанов од ДС рече дека добро е што законот се носи во редовна постапка и побара одржување јавна распарава на која по некои решенија ќе се произнесе и стручната јавност, Тој особено побара разгледување на казнената политика поради височината на паричните казни, кои вели треба да бидат усогласени со стандардот на жителите.

Независната пратеничка Роза Каровска Топузова се согласи дека е потребна јавна расправа за Предлог- законот за безбедност на сообраќајот од кој вели се засегнати голем број граѓани. Таа праша меѓу другото и кое е образложението што сега се укинува возењето со светле во текот на денот.

Лично сметам дека запалените светла дење во голема мера придонесуваа за безбедноста на сообраќајот, рече Каровска Топузова укажувајќи и на други нејаснотии и недоречености во текстот на законот.

И Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Џевад Адеми од ДУИ посочија од име на пратеничките групи дека се согласуваат со потребата од јавна расправа по овој закон поради неговото значење.

Во прво читање поминаа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот, Предлог законот за дополнување на Законот за постапување по преставки и предлози, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција. Собранието во рамки на 63-та седница ја изгласа и одлуката за изменување на Одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан, со која согласно изјавените потреби на мисијата втората годишна ротација за 2015 година на припадникот на АРМ кој се упатува во тимот за советување во Командата за обука и асистирање – Север започнува од месец септември, наместо од ноември.

Беа изгласани и предлозите за избор на членови на Комисијата за воедначување на казнената политика, а пратениците ги донесоа и законите за ратификација на спогодбите на Владата со Владата на Србија за утврдување на граничните процедури за железничкиот премин Табановце – Прешево и со Агенцијата за меѓународен развој на САД за банкарски гаранции во земјоделството и руралниот развој во РМ.

Мнозинството не го поддржа Предлог законот за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација во прво читање поднесен од пратеникот Лилјана Поповска со кој се предлагаше проширување на основите за дискриминација по сексуалана ориентација и родов идентитет.

Собранието потоа ја прекина 63. седница и продолжи со работа по 64. седница при што без расправа беа донесени голем дел од сетот закони поднесени од Владата по скратена постапка од областа на земјоделството, здравството, социјалната заштита, транспортот, економијата и културата.

За утре е закажано продолжување на 64. седница, а по нејзино завршување, пратениците треба да продолжат по преостанатите точки од дневниот ред на 63. седница.