Нови значајни наоди на локалитетот Црквиште

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети локалитетот Црквиште, с. Клечовце, Кумановско каде во изминатиот период се одвиваа археолошки истражувања, поддржани од Министерството за култура. Во рамките на истражувањата, археолозите наидоа на нови наоди кои ги претставија пред министерката за култура.

-На наше заедничко задоволство, можеме да соопштиме дека годинава се добиени значајни резултати – имено, утврдено е дека дел од црквата на овој локалитет лежи врз постар објект – римска бања, од која е откриен само еден мал дел од нејзиниот систем за подно греење. Откритието потврдува дека се работи за значајна римска населба со цивилизациски достигнувања која постоела во 2-5 век, а не само крајпатна станица како што досега се претпоставуваше, истакна Канческа-Милевска, која беше придружувана од директорката на Музеј Куманово, Анита Цветановска и археолози од оваа установа.

Годинашните археолошки истражувања се одвиваа во централниот дел од црквата со што беа потврдени двете фази на градење на овој објект- ранохристијански (5 век) и средновековен (11 век), а се работело и на двете странични простории – анекси на црквата.

-Поради својата местоположба и инфраструктура, сметам дека локалитетот Црквиште нуди извонредна можност за развој на културниот туризам, ако се земе во предвид дека во близина се наоѓа и локалитетот Кокино, истакна министерката за култура која потсети дека во рамките на минатогодишните истражувања на локалитетот целосно беа откриени контурите на големата ранохристијанска базилика, која спаѓа во редот на најстарите базилики во Македонија.

Канческа-Милевска најави и дека тече реализацијата на проектот кој се наоѓа во Програмата на Владата и на Министерството за култура, „Кокино – македонски бренд“, чија цел е промоција на оваа мегалитска опсерваторија која се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Таа напомена дека на локалитетот веќе се поставени пет информативни паноа со најважни информации за локалитетот, а со проектот, меѓу останатото, предвидена е инфраструктура со пропратни објекти (паркинг, објекти за музејски и работен простор и простор за услужна дејност и чуварска служба). Со проектот предвидено е и организирање на меѓународен фестивал во Кокино кој ќе се одржува секоја година на 21 јуни со цел одбележување на почетокот на летото и летната долгоденица. На фестивалот ќе учествуваат земјите од регионот, Европа и светот кои ја слават долгоденицата, како и земјите со најстари опсерватории во светот.

-Со целосно завршување на уредувањето на локалитетот, ќе се комлетира презентацијата на Кокино, како едно од најпосетуваните и најатрактивните локации во регионот, рече Канческа-Милевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.