Новинар загина во железничка несреќа

Битолската јавност е шокирана од суровата смрт на поранешниот новинар, а доскорашен таксист, Гоце Kаревски (56) од Битола, кој завчера загина кога патнички воз удри во неговиот автомобил, пишува ДНЕВНИК.

Несреќата се случила 5.30 часот на железничкиот премин на излезот од Битола веднаш по селото Горно Оризари. Од засега неутврдени причини Kаревски во критичкиот момент со таксито се нашол на средината од пругата. Се претпоставува дека возот на таа делница се движел со брзина од 90 километри зашто веќе бил на отворен коридор и излегувал од населено место. По ударот, возот го носел автомобилот 300 метри низ шините.

– Возачот го загубил животот на самото место. Јавен обвинител извршил увид на местото на несреќата. Направена е обдукција на телото од починатиот и анализа на крвта која покажала дека немало присуство на алкохол кај машиновозачот – се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство од Битола.

Местото на несреќата е во близина на домот во кој живеел Kаревски. Тој утрото го возел такси-возилото „хјундаи“ кога се случила тешката железничка несреќа. Се утврдуваат причините што довеле до неа.

По извршените истражни дејства, возот со патниците се вратил на станицата во Битола, по што празен бил упатен на сервис да се утврди дали има оштетувања. Патниците со друго возило биле испратени за Скопје.

Kаревски беше долгогодишен новинар, поранешен дописник за весниците „Нова Македонија“ и „Утрински весник“ од Битола, важеше за еден од најписмените новинари во градот. Откако пред 15 години ја загуби работата, стана таксист, пред да почине работеше за такси-компанијата „Фаворит“.

Годинава ова е втора незгода на железничката пруга во Битола, а прва со фатални последици. Во март годинава А.Х.Р. (69) се обидел да премине заобиколувајќи ги рампите на пругата, па за влакно го избегнал возот удирајќи во столбот од рампата. Возачот бил повреден, а возилото било оштетено.