Македонија

ВИДЕО: Новинарите му ги вратија на СДСМ дрвата и камењата

ВИДЕО: Новинарите му ги вратија на СДСМ дрвата и камењата

Група новинари, денеска пред седиштето на СДСМ го искажаа својот револт кон насилството врз медиумите, особено поттикнати од говорот на омраза што опозицијата континуирано го практикува кон за неа „непрофесионалните“ новинари и последните случувања од протестот во кој физички беа нападнати новинарка, фоторепортерка и камермани.

Новинарите, симболично пред седиштето на СДСМ, оставија стапови, метални шипки и камења, и ја повикаа опозицијата да ги остави новинарите да си ја вршат својата работа.

„На симболичен начин сакаме да им укажеме на СДСМ, дека треба да прекинат со својата политика на закани и насилства. Затоа што тие се веќе во континуитет. Своето поинакво мислење треба да го искажат на еден мирен начин. И сите оние кои размислуваат поинаку, треба да ги остават да мислат поинаку. И сето тоа треба да биде предмет на една дебата и дијалог, а не на насилство и физички пресметки“, истакна  претседателката на МАН, Слаѓана Димишкова.

Уредничката на „Вечер“, Ивона Талевска, која во средата беше физички нападната од група насилни демонстранти,  посочи дека против опозицијата ќе продолжат протестите за секое насилство врз медиумите, но, изрази надеж дека опозицијата ќе ги консолидира силите,а  политичките прашања ќе почне да ги решава институционално.

„Ги враќаме сите дрва и камења кои се фрлени кон нас новинарите во изминатиот период и сакаме да укажеме дека ние не сме ничив политичи опонент, напротив ние само си ја вршиме професионално нашата работа“, истакна Љупчо Златев , новинар на ТВ „Сител“.

Во протестите пред Владата во вторникот, предвдени од опозициската СДСМ, бешe вандализиран влезот на „Радио Слободна Македонија“. Следниот ден, беше физички нападната новинарката и уредничка на Вечер, Ивона Талевска, снимател на ТВ „Сител“, како и фоторепортерка на Македонската информативна агенција.

Покрај физичките напади, дел од новинарите се честа мета на вербални напади на опозициски членови и истомисленици и постојано се дискредитира нивната професионалност, нарекувајќи ги партиски војници. Пред извесен период, пред „Радио Слободна Македонија“, братучедот на Радмила Шекеринска, Никола Наумовски, го нападна новинарот Антонио Димитриевски. Наумовски, исто така, на прес конференција на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, вербално го нападна новинарот на Сител, Љупчо Златев.

revolt-1_thumb_medium500_333