Новинарка на Ројтерс пронајдена мртва во Пакистан

Раководителката на дописништвото на агенцијата Ројтерс од Пакистан и Авганистан, руската новинарка Марија Головнина, е пронајдена мртва во нејзината канцеларија во Исламабад.

Како што јави ТАСС, 34-годишната Головнина била пронајдена денеска во седиштето на дописништвото во безсознание, по што веднаш била пренесена во болница, каде лекарите утврдиле дека е почината.

Претставникот на плакистанската полиција Абдул Сатар соопшти дека првичните резултати од истрагата укажуваат дека Головнина најверојатно починала од природна смрт, но дека конечните заклучоци ќе бидат изведеи дури откако ќе заврши обдукција на нејзиното тело.

Головнина е ќерка на раководителот на дописништвоот на ТАСС во Јапонија, Василиј Головнин. Таа се вработила во Ројтерс од 2001 година, прво во дописништвото во Токио, а потоа и во седиштето на агенцијата во Лондон. Била дописник на Ројтерс од Русија, Сингапур, Јужна Кореја и Централна Азија, а од 2013 раководеше со дописништвото на агенцијата во Исламабад.