Новинарот Зоран Божиновски главен уценувач во аферата „Шпион“

Ќе пишуваме дека жена ти е вмешана во трговија со органи, а ќерка ти и нејзиното момче во трговија со кокаин, вака бил уценуван бизнисменот и поранешен владин функционер Минчо Јорданов, од дел од обвинетите во аферата „Шпион“, објавува „ПлусИнфо“.

Денеска во Основниот суд Скопје 1, на главната расправа за шпионската афера, како сведоци на одбраната освен Јорданов говореа и бизнисменот Трифун Костовски и неговиот син Коста. Според исказите и тројцата биле уценувани од неколкумина од обвинетите. Минчо Јорданов требало да плати неколку милиони евра за да престане, како што рече, „неиздржливиот притисок врз семејството“. Јорданов во судот прстот го впери кон обвинетиот Миќо Насковски, за кој рече дека стоел зад уцените. Но уцени добивал и од новинарот Зоран Божиновски.

И Костовски бил мета на уцените на Зоран Божиновски. Според сведочењето, не им била побарана конкретна сума пари, но Трифун Костовски и син му биле уценувани дека на виделина ќе излезат наводни документи за наводно местење фудбалски и ракометни натпревари.

Милионска сума требало да плати бизнисменот Минчо Јорданов за да престанат уцените кон неговото семејство кои оделе и на штета на неговите фирми. Според тврдењата на Јорданов во судот, иако заканувачките пораки ги добивал од „трети лица“ чиј идентитет не го откри, сепак, бил убеден дека зад нив стои Миќо Насковски, поранешен директор во АД „Бетон“, кој е меѓу обвинетите во „Шпион“. Во уцените имал улога и новинарот Зоран Божиновски, за кого истрагата е прекината. Јорданов го познавал Божиновски од порано, му давал задачи за, како што рече, „да спроведе некои операции за бизнисот“ и во неколку наврати за задачите му плаќал од 5.000 до 10.000 евра. Но кога увидел дека информациите на Божиновски не се од корист, му го откажал ангажманот. Насковски,пак, го запознал во 2007 година, и го поставил за претседател на бордот на директори, а го ангажирал да ја води постапката за акциите на АД „Бетон“. По неколку месеци од работењето, според тврдењата на сведокот, поради недомаќинско работење на Насковски, компанијата платила 250.000 евра повеќе за купување акции, што обвинетиот го направил свесно, па така Насковски и неговите соработници Јорданов ги избркал од работа. По извесен период почнале уцените, најпрво биле објавувани текстови од новинарот Божиновски на сајтот „Буре весник“, со како што рече Јораданов, гнасни и невистинити содржини, а почнал да добива и уценувачки мејлови и смс пораки. Од него се барало да плати „милионски суми“ по основ на побарувања на Насковски.

„Ми стигнуваа меилови со содржина: ’Треба да расчистиш со Миќо, бидејќи имаш обврски’, смс пораки: ’Да седнеш со Миќо да го расчистиш побарувањето’. Гнасни закани дека жена ми е поврзана со трговија со органи, а ќерка ми и дечко ѝ замешани во трговија со кокаин. За да престанат заканите бев принуден да свикам состанок со Миќо Насковски, кој на состанокот дојде со Марјан Маџовски, Зоран Витанов и техничкиот директор“, рече Јорданов пред судот.

Средбата била во октомври 2009 година, кога Јорданов им објаснил дека нема никакви обврски ниту кон Насковски ниту кон неговите соработници кои ги избркал поради како што посочи расипничко работење.

„Ако почнев да плаќам ќе требаше да влезам во кругот на оваа група“, рече Јорданов во Судот.

Според наводите во обвинителниот акт, во текот на 2010 година, Миќо Насковски поранешен директор во АД „Бетон“ и поранешниот шеф на кабинетот на претседателот на Собрание на РМ, Марјан Маџовски, двајцата обвинети во „Шпион“, како и новинарот Зоран Божиновски за кого истрагата е во прекин, му се заканувале на Минчо Јорданов дека во медиуми ќе пишуваат против него, односно ќе објават информации за „криминална приватизација и откуп на акциите во АД Бетон, како и негови други фирми“ ако не им даде голема сума пари. Обвинетиот Насковски, како што стои во обвинението, на Маџовски му дал 12.600 евра како надоместок да се ангажира и да најде начин Јорданов сериозно да ги сфати заканите и да му извлече голема сума пари, а тие за возврат ќе објават информации за наводна позитивна улога во приватизацијата и откупот на акциите во АД „Бетон“.

Новинарот Божиновски бил задолжен да врши притисок врз Јорданов заканувајќи се преку текстови во весник во кои пишувал за наводна криминална приватизација, стои во обвинението кое им е ставено на товар на обвинетите. Јорданов не ги сфатил сериозно заканите, па на обвинетите не им ги дал парите кои ги барале.