Новиот антитерористички закон во Франција прифатен без голема дебата

Законот за сузбивање на тероризмот кој во вторникот беше донесен во Франција и кој неговите противници го оценија како „либертициден“ (слободоубиствен), а експертите на Обединетите нации го критикуваа, не поттикна поголема дебата во земјата којашто често себеси се нарекува татковина на човековите права и којашто во последните години е цел на невидени терористички напади.

Два дена по убиството на двете млади жени на главната железничка станица во јужниот град Марсеј, со повиците „Алаху акбар“ (Господ е голем), и претходно во петокот откривањето на импровизирана експлозивна направа во елитен кварт во престолнината Париз, француските пратеници го одобрија досега невиденото заострување на законот за борба против тероризмот.

Според новиот закон, се зголемуваат овластувањата на административните власти, во прв ред на префектурата, за сметка на намалувањето на овластувањата на судиите. Се олеснува претресот, домашниот притвор, затворањето на местата за богослужба, се зајакнува контролата на идентитетот на границите и во близина на главните станици.

Повеќе од половината од Французите, или 57 отсто, го одобруваат овој закон, иако 62 проценти сметаат дека би можел да ги „ограничи нивните слободи“, покажува неодамнешната анката на институтите Fiducial/Odox.

„Станува збор за невидено назадување на јавните и нашите лични слободи“, оценува адвокатот Емануел Дауд, изразувајќи жалење поради тоа што активистите за човекови права не успеале да „наметнат дијалог и расправа“.

„Доколку една стара демократска нација, како што е нашата, вака го решава судирот на слободата и сигурноста, ускратувајќи ги сите начела според кои се води нашиот кривичен закон, тогаш имаме причина за загриженост во Европа и на други места“, заклучува Дауд.