Новиот Археолошки музеј слави една година, влезот денеска бесплатен

Новиот Археолошки музеј слави една година, влезот денеска бесплатен
Новиот Археолошки музеј слави една година, влезот денеска бесплатен

По повод првата годишнина од отворањето на новиот објект на Археолошкиот музеј на Македонија и 91 година од неговото постоење, од денеска до 22 октомври ќе се одржи манифестацијата „Недела на археологијата“, која официјално ќе биде отворена утревечер со репрезентативна изложба „10 столбови на Археолошкиот музеј“, чиј автор на идејниот концепт е Драги Митревски.

Влезот за посетителите во Музејот денеска ќе биде слободен.

На изложбата „10 столбови на Археолошкиот музеј“ ќе бидат претставени ексклузивните експонати како Големата божица Мајка од Тумба Маџари, монументалниот појас од Марвинци, теракотните икони од Виница, теракотните култури од Стоби и други артефакти од праисторијата, антиката и средниот век, а дел од поставката ќе биде и значајна археолошка документација, дневници, технички цртежи, фотографии…

На 20 октомври ќе се одржат презентации поврзани со сите значајни проекти поврзани со повеќе локалитети во кои кустосите носители на збирките во Археолошкиот музеј ќе претстават кус преглед за историјатот на локалитетите, на истражувањата, најзначајните археолошки откритија, како и за карактерот и значењето на овие локалитети за македонската археологија.

Во рамки на манифестацијата, на 21 октомври во чест и сеќавање на д-р Драгиша Здравковски, ќе се одржи сесија на четири предавања за неолитот во Македонија и Бугарија. На 22 октомври ќе се отвори лапидариумот во Археолошкиот музеј на Македонија, кој е комплетиран со изложба која го покажува историјатот на иницијалната збирка во музејот.

Во Археолошкиот музеј на Македонија се изложени над 8.000 експонати, чиј број континуирано се зголемува како резултат на бројните археолошки истражувања кои во изминатиот период со значителен фонд на средства беа поддржани од Владата и од Министерството за култура.

За една година постоење, новиот објект на Археолошкиот музеј на Македонија, го посетиле повеќе од 35 илјади посетители – над 10 илјади странски туристи, над 15 илјади домашни посетители и околу 10 илјади ученици од основните и средните училишта.

Археолошкиот музеј на Македонија има повеќе оддели – за праисториска археологија, античка и средновековна археологија, кабинет за нумизматика, лапидариум, антрополошка поставка… Покрај богатата  археолошка поставка, Музејот е опремен и со стаклени витрини, восочни фигури, уметнички слики, видеоанимации, амбиентални ситуации, мозаици од вредното културно наследство, а има и реконструкција на објекти од неолитот, современо музеолошки конципирана.

По повеќе од 30 години, Република Македонија во новиот Археолошки музеј доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори.

– Генезата на Археолошкиот музеј на Македонија почнува во 1024 година во Скопје. Од 1949 година работи под името Археолошки музеј на Македонија се до 1984 година кога влегува во рамки на Музејот на Македонија. Со одлука на Владата во јуни 2012 година е основан сегашниот специјализиран Археолошки музеј на Македонија. Денес Археолошкиот музеј на Македонија поседува преку 50 илјади предмети вклучувајќи и биофакти на територијата на Република Македонија, истакна директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Весела Честоева.