Новиот градоначалник на Аеродром наследи над 3,5 милиони евра

Советничката група на Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува како конструктивна опозиција во советот и притоа ќе даваме поддршка на сите позитивни проекти што ќе ги реализира општинската администрација, а кои ќе бидат од значење за жителите на општина Аеродром, ова денеска го истакна  советничката група од ВМРО-ДПМНЕ од општина Аеродром.

Како советничка група исто така ќе ги критикуваме и ќе се спротиставиме на сите проекти кои нема да бидат од интерес на жителите на Аеродром. Новиот градоначалник ја презема општината со буџет од 3,5 милиони евра и без ниту еден денар долг ниту пак кредит, но и со огромен број на реализирани проекти. Искрено се надеваме дека новиот градоначалник во интерес на жителите на Аеродром ќе продолжи да ги реализира веќе започнатите проекти од претходниот градоначалник, како што се изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче, проширување на улицата „Коста Новаковиќ“ и веќе се одобрени средства во буџетот и се склучени договори за изградба, потенцираат од советничката група.

Додаваат и дека како советничка група имаат сознанија дека градоначалникот и советничката група предводена од СДСМ за денешната седница планираат да стават и дополнителна точка на дневниот ред, а тоа е одлука за раскинување на договор за јавно приватно партнерство со приватен инвеститор за изградба на нов современ спортски комплекс во близина на спортската сала „Јане Сандански“.

Станува збор за изградба на тениски терен, стадион и комплетна потребна инфраструктура со што Аеродром ќе беше меѓу првите општини во регионот и секако прва во Македонија која ќе имаше тениски игралишта согласно стандардите за одржување на АТП турнирите, но и место за спорт и рекреација на жителите на Аеродром како и можност за околу 100 нови вработувања. А дали станува збор за бизнис интереси или нешто друго ќе видиме наскоро, меѓутоа ако првиот проект на новиот градоначалник е прекинување на нешто што веќе е сработено и е обезбедена инвестиција од повеќе од 10 милиони евра од приватен партнер не можеме да бидеме оптимисти за идниот развој на општина Аеродром особено со интензитет досега кога општината беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ, велат од советничката група.