Новиот Клинички центар во Скопје ќе градат „Гранит“ и „Бетон“’

Новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“ во соработка со една италијанска компанија, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Оваа понуда е избрана како најприфатлива за доделување на договорот за изведба, а истовремено ги исполнува сите услови кои се предвидени за изградба на вакви комплексни објекти. Изборот е направен врз основа на добивање на одобрување од страна на Банката на Советот на Европа. Комисијата за секој чекор и одлука добиваше одобрение од стручен тим на Банката за развој на Советот на Европа, истакна Тодоров.

Посочи дека со заокружување на оваа фаза од постапката се става крај на сите шпекулации и коментари, дека овој проект е само празно ветување и, како што рече, ова покрај тоа што е еден од најсериозни проекти за македонското здравство во овој момент е еден од најсериозните проекти и за Банката на Советот на Европа и во целиот процес се вклучени врвни експерти.

– Потпишувањето ќе биде по доставување на валидната банкарска гаранција од понудувачот за квалитет на изведбата во вредност од 10 проценти. Оваа процедура трае од 15 до 25 дена. Почетокот на изведбата се очекува да биде во тек на јуни 2017, а изведувачот ќе работи во фази со цел да се овозможи непречено функционирање на Клиничкиот центар во Скопје, рече Тодоров.

Нагласи дека прво ќе се обезбедат времени пристапни патишта во рамки на Клиничкиот центар, како и трансфер на Клиниките за неврологија, кожна и очна клиника во простор каде ќе ги извршуваат своите функции додека трае градбата.

– Рокот за завршување на градбата на новиот Клинички центар е предвиден за 45 месеци. Вкупната новопроектирана нето површина на оваа зграда изнесува 47 илјади метри квадратни, околу 6,5 илјади метри квадратни проодни тераси и покривни градини. Зградата се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром хелидром за транспорт на пациенти на десеттото ниво со површина од 531 метар квадратен, нагласи Тодоров.

Според него, станува збор за грандиозен објект, што заедно со објектот со кој се спојува, ќе има нето површина од повеќе од 70 илјади метри квадратни и ќе внесе голем број подобрувања во секојдневните активности на Клиничкиот центар.

– Сите системи вградени во зградата за приоритет го имаат третманот на пациентот и неговото олеснето и ефикасно движење – од системот за болничка сигнализација и означување во кој е вклучена и најсовремена дактилна сигнализација за слепи лица, преку зголемување на капацитетот на вертикалниот болнички транспорт со нови 5 болнички лифтови, па се до сместувачките капацитети во болничките соби кои се исклучиво апартмански со еден или два кревети и тоалети во секоја соба и содржат автоматизирана климатизација и вентилација со филтриран воздух, системи за повик на сестра, централен систем за медицински гасови кој за првпат ќе биде инсталиран 100 процентно во сите болнички и соби за интервенции, истакна Тодоров.

Нагласи дека овој систем за првпат ќе се примени во јавното здравство во Република Македонија со комплетна изолација и третман на секој пациент, при што сите строги критериуми за климатизација и потребен над и под притисок во кабините, предпростории за филтер и услови за стерилност ќе бидат обезбедени.

– Оваа инвестиција претставува круна во македонскиот здравствен систем. Со оваа инвестиција го унапредуваме највисокото ниво на здравствена заштита, терциерното ниво, на кое се третираат и најсложените и најкомплексните здравствени состојби, а за кои условите со новиот Клинички центар ќе бидат подигнати на едно многу повисоко и посовремено ниво. Кога ќе се изгради ќе биде најсовремен здравствен објект во поширокиот регион на Југоисточна Европа, изјави Тодоров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.