Новиот крал на Саудиска Арабија најави продолжување на досегашните политики

Новиот крал на Саудиска Арабија,Салман порача дека земјата ќе ја продолжи политиката што ја водеше неговиот претходник,починатиот крал Абдула, пренесе МИА.

– Ние ќе продолжиме да се придржуваме на коректната политика што Саудиска Арабија ја следи уште од нејзиното создавање, рече кралот Салман, во своето прво обраќање преку државната телевизија.

Салман го наследи својот претходник кралот Абдула кој почина ноќеска во 01.00 часот по локално време, во болницата во Ријад, каде се наоѓаше на лекување десетина дена поради инфекција на белите дробови.

На саудискиот престол тој беше од 2005 година, иако десет години претходно Абдула ги извршуваше сите кралски должности и практично управуваше со земјата, откако неговиот претходник кралот Фахд претрпе мозочен удар и остна изнемоштен и главно врзан за постела.

Новиот крал Салман е брат на починатиот Абдула, а тие двајцата, како и новиот престолонаследник крунскиот принц Мукрин, се деца на основачот на современа Саудиска Арабија, кралот Абдулазис Ибн Сауд.

Според набљудувачите во Ријад, најавата на новиот саудиски крал за продолжување со досегашната политика на земјата, треба да делува смирувачки.

Првата работа што тој треба да ја направи е мирното пренесување на власта, без потреси и бранување во бројното кралско семејство, а потоа справувањето со заканата од џихадистите, како тие во земјата, така и оние во регионот на Блискиот Исток.

Саудиска Арабија сега е сместена во „сендвич“ од милитантните исламистички сунитски групи, како Исламска држава на северот од земјата и Ал Каеда, на југот во Јемен. Официјален Ријад се приклучи кон анти ИД коалицијата, предводена од САД, па саудиски авиони ги бомбардираат позициите на џихадистите во Ирак, но таквиот потег не го одобрува мнозинството од „обичните“ Саудијци.

Кралот Салман ќе мора да се определи притисокот што постои за реформирање на ова феудално уредено кралство, како и со проблемот со невработеноста, која е особено висока кај младите што сочинуваат околу 50 отсто од популацијата на земјата.

Саудиска Арабија, како земја најбогата со нафта и главен „играч“ во ОПЕК ќе мора да се изјасни и околу драстичнниот пад на цената на нафтата, која од јуни минатата година, кога изнесуваше 110 долари за барел, се спушти на 46 долари, предизвикувајќи тешкотии и за ова богато кралство.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.