Новиот портпарол на ЕК вети дека нема да не’ нарекува „ФИРОМ“

Новиот шеф на службата за информирање на Европската комисија, Гркот Маргаритис Схинас, на денешното официјално претставување во Брисел на новата портпаролска служба на неформалната Влада на Европската унија се обврза дека нема да ја “фиромизира” нашата држава, објави  МИА.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел кон првиот гласноговорник на Еврокомисијата, кој е роден во Солун, како ќе се обраќа кон нашата земја, односно дали ќе го употребува официјалното и уставно име Република Македонија или официјалната референца “бивша југословенска Република Македонија”, со забелешка дека употребата на кратенката “ФИРОМ” ги навредува македонските граѓани идентично како на црномурест човек да му каже “црнец”, тој одговори:

– Името на вашата земја е име кое ЕУ официјално го употребува, а тоа е поранешна југословенска Република Македонија. Така и ќе ви се обраќам – дециден беше Гркот Схинас.

Тој на чело на обемната служба за комуникации и односи со медиумите на Еврокомисијата доаѓа како дел од ветувањето на Јункер кон партијата “Нова Демократија” на грчкиот премиер Андонис Самарас, кој заедно со германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината Христијанско-дмеократска партија (ЦДУ), го кандидираа Јункер во рамки на Европските народни партии (ЕПП) да биде нивен кандидат а претседател на ЕК.