Новиот состав на Комисијата за лустрација и законите за медиуми денеска пред пратениците

Во Собранието денеска ја продолжува 82-та седница на која на дневен ред е Предлог одлуката за избор на претседател, заменик претседател и членови на Комисијата за верификација на фактите.

На агендата на оваа седница, меѓу другото, се и Предлог законот за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце – Блок станица 5“, како и измените и дополнувањата на законите за данокот на добивка, за персоналниот данок на доход, за филмската дејност и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за медиуми, на Изборниот законик и на Кривичниот законик, сите по скратена постапка.

Треба да се расправа и за Предлог законот за дополнување на Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување, измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските помагала и на Законот за здравствена заштита, сите во прво читање.

Пратениците вчера ја завршија расправата, а денеска само ќе гласаат по измените и дополнувањата на законите за експропријација, за вршење сметководствени работи, за Законот за игрите на среќа и за забавните игри, за Законот за јавните набавки, како и за дополнувањата на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, сите во прво читање.