Македонија

Новиот театар блесна во полн сјај

Новиот театар блесна во полн сјај

Првата премиера заврши по полноќ кога на сцената се поклони целата екипа и беше поздравена со аплаузи и овации од публиката во преполниот театар, пренесе МИА.

На праизведабата на Плевнешовата „Вечна куќа“ присуствуваа државниот врв предводен од претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски, министри во Владата, пратеници, академици, истакнати културни работници, претставници на бизнис заедницата, дипломатскиот кор и други гости од јавниот и културниот живот на Македонија.

Официјалниот почеток на работата на новата театарска зграда ќе биде одбележан со уште две премиери на оваа претстава – вечер и утре, а до крајот на месецот ќе има уште осум репризни изведби. Од јануари МНТ ќе продолжи со својот редовен репертоар.

Со претставата „Вечната куќа“, посочува Плевнеш, се остварува неговиот чеховски сон за една приказна за три жени, кои ги играат Искра Ветерова, Дарја Ризова и Драгана Костадиновска.

„Во таа пиеса главниот простор го има куќата која во оваа претстава на свој начин ја симболизира Македонија, која, пак, се претвора во центар во кој ќе се сондира секоја куќа во светот. Тоа е приказна за една жена која 60 години секој ден носела ливче на Ѕидот на плачот, барајќи да и биде вратена куќата. Но, кога девојката со сто клуча ќе влезе во куќата, од секоја соба излегува нов сопственик, кој тврди дека има непобитни докази дека таа е негова. Тоа е клучната тема на Македонија, но и на целиот свет“, посочува Плевнеш.

Според режисерот Пројковски, главниот лик во претставата Стела Бенвениста доаѓа од Ерусалим во Скопје и со тие сто клуча отворајќи ги собите, го отвора своето срце и тука почнува да патува и да ги бара одговорите на сите прашања, да ја отвори темата за Бог, за семејството, за човечкиот живот.

Во претставата играат голем број актери од сите генерации, но и студенти од Факултетот за драмски уметности и од ЕСРА. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Благоја Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски.

Покрај големиот број гости од земјава, на премиерата присуствуваа и црногорскиот министер за култура Бранислав Миќуновиќ, замениците-министри за култура на Бугарија и на Косово, Васил Василев и Хајди Абази, како и претставници од УНЕСКО.

Новата зграда на МНТ, која е лоцирана на левиот брег од реката Вардар, е изградена врз темелите на Стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта.

Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.

Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката која ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.

Со изградбата на новата зграда на МНТ, Македонија првпат доби современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси.