Новите фабрики го враќаат Велес на картата на индустриски градови

Фабриката „Маркарт“ ги спроведува последните подготовки пред почетокот на производствениот процес, а наскоро ќе започне изградбата на уште две фабрики во индустриската зона Караслари во Велес.

Како што пишува порталот „Курир“ фабриката Маркарт во индустриската зона Караслари со полна пареа работи на последните подготовки за официјалниот почеток на производствениот процес. Повеќе од 100 вработени веќе започнаа со редовна работа во фабриката.

Со вработувањето на околу 600 лица во новата фабрика на Маркарт Велес дополнително ќе заживее на економски план. Досега примените лица стручно се обучуваат во погони на Маркарт во Германија и Романија, од каде црпат знаења за професионален и успешен почеток на производството во Караслари. Административните работници веќе се сместија во просториите на фабриката.

-Оние простории што ние им ги отстапивме како Општина на Маркарт компанијата привремено да им биде сместено раководството ни ги вратија завчера со допис со голема благодарност и целокупната администрација се повлече во самата фабрика и од таму веќе си ги тераат работите односно си ги вршат сите активности што им се замислени со производствениот процес со примањето на работници, со целокупното средување на фабричката околина, потенцира Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес.

Интензивното отворање на работни места продолжува со изградба на уште неколку фабрики во индустриската зона Караслари. Германската фирма „Јапоне“ која ќе произведува медицински помагала е во завршна фаза пред отпочнување на изградбата на фабриката.

-Треба во рок од 2 месеца да поднесат документација, да си платат комуналии и да започнат со градба, меѓутоа можете да видите одма пред Маркарт, Хемомак Пестициди веќе ги има поставено темелите, првите столбови се извлечени така да очекуваме многу брзо и тој процес да заврши и тој погон да биде направен, вели Чадиев.

Во Велес има вкупно пет индустриски зони, од кои четири, или Речани 1 и 2, и Узуз 1 и 2 се комплетно исполнети. Караслари е распродадена, а се работи и на развој на шестата индустриска зона Мамутчево.

Со оваа динамика Велес полека го враќа приматот на економски развиен, индустриски град.