Новите фабрики се двигател за намалување на невработеноста

Благодарение на новите инвестиции, извозот од зоните во државата во првите шест месеци од годинава изнесува над 550 милиони евра, а тоа значи дека е двојно зголемен во однос на првите шест месеци од минатата година, истакна денеска премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на почетокот на изградбата на новиот производствен погон на италијанската компанија„ ИТЕК“ во ТИРЗ во Тетово.

Тој додаде дека до крајот на 2014 година се очекува извозот од зоните да достигне вредност од над една милијарда евра, а таквите тенденции се очекува уште повеќе да растат во иднина.

Премиерот посочи дека станува збор за значајна инвестиција на италијанската компанија „ ИТЕК“ со која ќе се обезбедат нови вработувања за луѓе од различна етничка припадност.

– Интересот за Македонија е голем. Продолжуваме со активна промоција на земјата, разговараме и преговараме со голем број странски компании. Многумина од нив веќе ги објавија новите инвестиции и наскоро ќе почнат да ги градат новите фабрики: италијанската Диатек, американската Key Saffety System, турската Веибо, германската Техникал текстил, британската Еуро БПО, германската ОДВ електрик, украинската Енергија, италијанската Монтанте груп, како и многу други, истакна Груевски.

Новите фабрики, додаде тој, се и еден од главните двигатели за намалување на стапката на невработеност и, како што рече, работите се движат во добра насока.

Новата инвестиција од 3,8 милиони евра на ИТЕК ќе донесе 120 нови вработувања.

Фабриката ќе се протега на површиа од околу 4.000 метри квадратни и е првата инвестиција во оваа ТИРЗ.

itek-gruevski500

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.