Македонија

Новите имиња на аеродромот и автопатот по објавување во Службен весник

Новите имиња на аеродромот и автопатот по објавување во Службен весник

Постапката за преименување на автопатот „Александар Македонски“ на Коридорот 10 и на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе започне по објавувањето во „Службен весник“ на одлуката што за таа намена ја донесе македонската Влада на седницата во вторникот вечерта.

Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) соопштија дека откако ќе се објави одлуката, на нивно барање и со нивен буџет активностите на терен за отстранување на сегашните сообраќајни знаци и за поставување нови ќе ги спроведе Јавното претпријатие „Македонија пат“.

Новото име на автопатот ќе биде „Пријателство“, а сегашното име „Александар Македонски“ коешто во употреба беше од јули 2008 година, исто така, беше определено со одлука на претходната Влада.

Од декември 2006 година, пак, исто така со одлука на претходната Влада скопскиот аеродром го доби името „Александар Велики“, кое треба да биде замането со „Меѓународен аеродром Скопје“. Претставници на концесионерот на македонските аеродроми, турската компанија ТАВ, неодамна изјавија дека станува збор за политичко прашање и оти ќе ја почитуваат одлуката.

Промената на имињата на автопатот и на аердромот, како што објави премиерот Зоран Заев по средбата во Давос со неговиот грчки колега Алкесис Ципрас е во знак на добра волја и затоплување на односите со Грција.