Новите инвестиции ќе донесат 64 илјади нови работни места и намалување на невработеноста на 22 отсто

Одржувањето на високи капитални инвестиции од буџетот, странски компании кои работат во слободните и во индустриските зони и посилна инвестициска активност на домашниот приватен сектор се предвидуваат за следните четири години како основни двигатели на економскиот раст, во програмата „Проверено“ на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Се очекува интензивирање на економскиот раст и доколку нема непредвидени шокови на светско ниво, во периодот 2014-2018 се очекува порастот на БДП да се движи меѓу три и шест отсто.

Целта е до крајот на следниот четиригодишен мандат стапката на невработеност да се намали на ниво од околу 22 отсто.Тоа значи дека во следните четири години во Македонија ќе се креираат најмалку 64 илјади нови работни места. За оваа цел ќе придонесат и инвестициите во зоните и работните места што ќе се креираат таму.

Привлекувањето на нови странски инвестиции и модернизацијата на домашното производство придонесоа покрај извозот на традиционалните сектори од металната, текстилната, прехранбената и агроиндустријата, Македонија да извезува и технолошки напредни производи, особено од областа на автомобилската индустрија, како што се: катализатори, електронски и кабелски инсталации за автомобили, авто-компоненти и галантерија, кондензатори и автобуси, но и зголемен извоз на услуги, пред сѐ, од информатичката технологија.

Извозот на овие производи во 2013 година достигна речиси 25 отсто од вкупниот извоз, што е резултат постигнат за многу краток период и се должи, пред сѐ, на новите инвестиции во ТИРЗ и индустриски зони.

Зголемениот раст на светската економија, враќањето на довербата на светските финансиски пазари, зголемената доверба на странските инвеститори, како и поволностите што ги нуди Македонија во ТИРЗ и во индустриските зони ќе придонесат за пораст на странските директни инвестиции коишто континуирано ќе се зголемуваат како што ќе се стабилизираат состојбите во светската и во европската економија, достигнувајќи ниво три до пет отсто годишно.

Реализацијата на инвестиции претпоставува и поголем увоз на инвестициски добра, суровини и репроматеријали. Затоа, во наредниот четиригодишен период се очекува  зголемување на извозот од околу 10 отсто и зголемување на увозот од околу осум отсто годишно.

ИНВЕСТИЦИИ КОИ СЕ ОЧЕКУВААТ

Доколку нема посериозна надворешна криза во светот или во Европа, во следните четири години се очекуваат најмалку 30-ина нови странски инвестиции во слободните и во индустриските зони, кои ќе креираат над  10 илјади работни места!

Во следниот период ќе започне и реализацијата на претходно најавените инвестиции од Маркарт, германски производител на автомобилски делови за Мерцедес, Ауди и БМВ, кој произведува електронски клучеви, контролни табли за управувачи и централни конзоли за врати и за прозорци. Кофикаб, производител на кабли од Тунис, директен доставувач на Дрекселмаер и Кромберг и Шуберт. Менсан, турска компанија од автомобилската индустрија која во декември 2013 година донесе одлука да инвестира во ТИРЗ Скопје и да вработи 100 лица. Ендава, британска компанија која се занимава со развој на софтвер. Епл Ленд, компанија од Дубаи, во февруари 2014 година ја почна изградбата на откупно-дистрибутивен центар за преработка и складирање на јаболка во индустриската зона Макази, близу Ресен. Антура, холандска компанија од областа на хортикултурата, во февруари 2014 година донесе одлука за инвестирање во Кочани. Инвестицијата е вредна 6 милиони евра и ќе бидат вработени 300 лица. ИД Блкан ДООЕЛ, холандска инвестиција, во февруари 2014 година ја започна изградбата на фабрика за производство на печурки во индустриската зона Овче Поле, во близина на Свети Николе. Истем Медикал, турска компанија, производител на медицинска опрема, ќе инвестира 8 милиони евра во медицината.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.