Новите инвестиции ветуваат сериозно заживување на Охрид

Локалната самоуправа заедно со Владата на Република Македонија прави максимални напори за стопанско заживување на Охрид и отворање на нови работни места за охриѓани.Неодамнешниот почеток на производствениот процес на германскиот гигант ОДВ- Електрик чиј број на вработени треба да достигне 1 000 лица ветува многу.

Покрај ОДВ –електрик се очекуваат и други инвестиции во областа на индустријата.Според охридскиот градоначалник Никола Бакрачески , втората очекувана инвестиција од областа на индустријата се однесува на рестартирање на охридскиот гигант ЕМО со дополнителни 800 вработувања.

„За брзо време не за повеќе од 30 дена ќе биде обелоденета и уште една инвестиција во Охрид за која што Владата на Република Македонија и Агенцијата за странски инвестиции преговараат подолго време. Станува збор и за компанија која како и ОДВ Електрик се занимаа со производство на делови за автомобилска индустрија и која што планира за наредниов период од две до три години да вработи околу 800 луѓе. Нешто за што преговорите се во финална фаза и за која што набрзо Владата на Република Македонија ќе излезе со информација. Инвестицијата најверојатно ќе се реализира во еден од погоните на ЕМО од Охрид, рече градоначалникот Бакрачески.

Преговорите за привлекување странски инвестиции продолжуваат со несмалено темпо очекувањата од истите се позитивни односно влеваат надеж за реализирање на најавите.

„Исто така во овој момент се преговара со две компании од две различни држави. Едната од соседството а другата од ЕУ, кои што се заинтересирани за рестартирање на целокупното производство на ЕМО Охрид. Во овој момент се водат преговори и не би можел да дадам конкретни податоци кога овие преговори ќе завршат и дали истите ќе завршат со дефинитивно прифаќање од наша страна и од страна на потенцијалните инвеститори, односно компаниите за рестартирање на производството во ЕМО,“ додаде Бакрачески.

Покрај инвестиции во стопанството со несмалено темпо се реализираат и очекуваат инвестиции во хотелскиот бизнис.

Брендот „Small LUXURY HOTELS“ веќе е дел од Охрид. На јужната страна од брдото кај „Инекс Горица“ Дивелоп Груп“ ги започна активностите за изградба на луксузниот хотел кој ќе биде алка од овој ланец на 520 хотели кои ги има во преку 70 земји на сите континенти.Објектот ќе биде на површина од околу 7 илјади метри квадратни со 100 соби или од прилика со 200 легла.