Новите мерки на Владата – дополнително олеснување за стопанството

Со новите мерки најавени од владата на Република Македонија дополнително ќе се олесни работењето на компаниите, малите бизниси, самовработените лица, земјоделците, трговците.

Како што најави премиерот Никола Груевски на големиот народен собир на владејачката партија во Охрид, наскоро ќе се воведе можност за плаќање на неплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување на рати, најмногу до 24 месеци и ослободување од камата доколку се платат заостанатите придонеси за пензиско и инвалидско.

За долг по основ на неплатени придонеси од први јануари 2009-та до 31-во декември лани, со закон ќе се овозможи плаќање на главниот долг на рати. Ако се исплати за 12 месеци на 12 рати, должникот ќе се ослободи со 70 проценти од каматата ако се плати на 24 рати, за 50 проценти. Ова, меѓу другото, претставува дел од новиот сет мерки за олеснување и подобрување на работата на компаниите, кои изминатиов викенд ги најави премиерот Никола Груевски.

Со цел значително да им се олесни работата и да им се намалат трошоците, физичките и правни лица кои имаат до 49 вработени ќе бидат ослободени од  водење канцелариско и архивско работење. Единствената обврска за нив ќе биде да се архивира материјалот кој е од трајна вредност за Македонија, науката и културата.

Истовремено, правните лица со 50 и повеќе вработени ќе имаат обврска да водат единствено основна евиденција. При тоа законот дава можност самите да утврдат која евиденција ќе ја водат, односно можат наместо деловодник да водат своја евиденција која веќе име е воспоставена, а исто така и основните броеви можат да ги утврдат самостојно онака како што веќе ја имаат воспоставено евиденцијата, а не задолжително да ја користат номенклатурата на државниот архив.

Со тоа ќе се воспостави законски основ приватните фирми својата електронска евиденција која веќе ја имаат воспоставено и која ја водат пред се заради свои потреби, односно за следење на текот на работата да биде правно релевантна, а не да се оптоваруваат со дополнителна евиденција за чие што водење ќе се трошат непотребно ресурси и средства.

-Ова е огромно, значително олеснување за приватниот сектор, за секое правно лице, за секој трговец, за секој индивидуален земјоделец, за секој мал голем или среден бизнис, за сите оние кои биле погодени од светската економска и европската должничка криза, и кој поради тоа западнале во неволја и не можеле да ги платат придонесите за себе и своите вработени, изјави премиерот Груевски.

На последната владина седница, исто така, усвоен е законот за работни односи, според кој се продолжува породилното отсуство од 12 до 15 месеци за оние мајки што ќе родат две, три или повеќе деца одеднаш. Се размислува и за зголемување на платите на информатичките кадри вработени во јавниот сектор за 30 проценти.

Се на се, досега на големите народни собири и на трибините на ВМРО – ДПМНЕ се најавени 60-тина нови мерки на владата.