Новите мерки стапија на сила – можност за нови 20.000 вработувања

Стартуваат вработувањата без плаќање придонеси. Компаниите и бизнисмените можат да ги користат бенефитите од државата за вработување нови работници. Пакетот мерки за вработување минатата недела беше усвоен во Собрание. Измените во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, веќе се објавени во Службен весник,а со тоа и официјално стапија на сила.

Околу 150 илјади лица ги исполнуваат условите за искористување на пакетот мерки за вработување, а за една година се очекува 20 илјади лица да бидат вработени.

Со мерките опфатени се повеќе категории на граѓани од повеќе возрасти. Работодавачите кои ќе вработат млади лица до 35 години ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од три години.

Работодавачите кои ќе вработат лица на возраст од 35 до 50 години, а кои биле 10 години без работа, ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси пет години со обврска уште една година да го задржат работникот.

Оние, пак, кои ќе вработат лица над 50 години ќе бидат ослободени од персонален данок и социјални придонеси пет години без обврска после тоа да ги задржат вработените. Оваа мерка ќе се однесува и за оние кои ќе вработат лица над 58 години. Тие фирми ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси, односно до пензионирањето на тој работник.

Исто така, со мерките се предвидува и работодавачите кои ќе вработат лица од ранливите категории како што се самохраните родители, лицата од еднородителските семејства, оние со три или повеќе деца, да бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од пет години без обврска да ги задржат вработените.

Последната група која ќе биде опфатена со овие мерки се ранливата категорија на граѓани – самохрани родители и еднородителски семејства, семејства со три или повеќе деца, приматели на социјална помош, професионални војници кои веќе не работат, деца без родители и родителска грижа, лица со инвалидитет и родители на деца со посебни потреби.

За оваа категорија на граѓани се предвидува ослободување од плаќање придонеси во период од 5 години, без никаква обврска за работодавачот потоа.

Од Бизнис конфедерацијата на работодавачи очекуваат интересот од фирмите да биде голем, затоа што со мерката директно се намалуваат трошоците за вработување на лицата кои ги ангажираат како хонорарци.

Претседателот на Конфедерацијата Миле Бошков во изјава за Лидер вели дека многу е важно системот на државата да успее да ги регистрира невработените, за да им се помогне.

Според него во овој момент секој трошок намален за водење бизнис, а во насока на вработувањето и вклучување на што повеќе лица во работниот процес е квалитетна одлука и мерка и треба да се продолжи да се реализира, со што ќе биде начин за потикнување на водење бизнис во Македонија.

Бизнисмените, работодавачите и компаниите новите мерки за вработување на владата ги оценуваат како корисни и позитивни кои од една страна ќе придонесат за драстично намалување на невработеноста, а од друга страна ќе значат олеснување на давачките за компаниите.

Според Сеад Кочан, потпретседател на ССК, овие мерки ја потврдуваат стратегијата на владата да продолжат отпочнатите проекти кои што ги има во делот на вработувања.

– Со овие мерки се создава еден континуитет и се овозможува, се дава една исклучителна можност на компаниите тие да бидат мотивирани, да се зголемат капацитетите на човечките ресурси во нивните компании и така е се даде можност на голем број луѓе кои не се кфалификувани да работат во една компанија, да добијат простор да бидат квалификувани, а со тоа државата ќе даде голем придонес во делот на ослободување на персонален данок и останатите давачки за придонеси. Сметаме дека ова е искучителна можност за компаниите да ги прошират своите човечки капацитети, апсурдот кој што го имаме во државата покрај голема невработеност да немаме доволно стручни кадри, оваа можност да се искористи во таа насока- да се квалификуваат луѓе кои што ќе можат да допринесат во компаниите. Веќе атмосферата кај голем дел од компаниите и менаџерите се коментираат позитивно овие мерки, се препознава стратегијата на Владата дека има намера сериозно да се зафати со проблемот – невработеност и да се изнајдат сите можни начини да се мотовираат и компаниите и невработените да се активираат и да најдат работа, изјави за Лидер, Кочан.

Како што претходно, во повеќе наврати информираше претседателот на Владата, Никола Груевски, овие мерки се резултат на позитивните искуства од спроведувањето на мерката за вработување на лица до 29 години, според која работодавачите на оваа категорија една година се ослободуваат од плаќање придонеси, со обврска да ги задржат вработените уште една година.

Груевски напомена дека со мерката за вработување на лица до 29 години, за неполна година се вработени 7.400 лица.