Новите мерки за вработување за бизнисмените се квалитетни и мотивирачки

Премиерот Никола Груевски најави нови мерки за намалување на невработеноста, кои би требало да понат да се применуваат за неколку месеци. Работодавачите кои ќе вработат млади лица до 35 години ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од три години. Тие ќе имаат обврска да го задржат работникот уште една година.

За работодавачите, пак кои ќе вработат лица на возраст од 35 до 50 години, а кои биле 10 години без работа ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси пет години со обврска уште една година да го задржат работникот.

Оние, пак, кои ќе вработат лица над 50 години ќе бидат ослободени од персонален данок и социјални придонеси пет години без обврска после тоа да ги задржат вработените. Оваа мерка ќе се однесува и за оние кои ќе вработат лица над 58 години. Тие фирми ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси, односно до пензионирањето на тој работник. Оние работодавачи, пак, кои ќе вработат лица од ранливите категории како што се самохраните родители, лицата од еднородителските семејства, оние со три или повеќе деца, ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од пет години без обврска да ги задржат вработените.

Со мерката за вработување на млади до 29 години по овој принцип се вработени 7.400 лица за 11 месеци.

Овие мери се позитивни и квалитетни, коментираат дел од бизнисмените и работодавачите за Лидер. Сеад Кочан, потпретседателот на Сојузот на Стопански комори вели дека компаниите и менаџерите позитивно ги коментираат мерките со кои ќе се реализираат нови вработувања, а имат за цел креирање на нови работни места и намалување на невработеноста.

-Овие мерки ја потврдуваат стратегијата на владата да продолжат отпочнатите проекти кои што ги има во делот на вработувања. Со овие мерки се создава еден континуитет и се овозможува, се дава една исклучителна можност на компаниите тие да бидат мотивирани, да се зголемат капацитетите на човечките ресурси во нивните компании и така е се даде можност на голем број луѓе кои не се кфалификувани да работат во една компанија, да добијат простор да бидат квалификувани, а со тоа државата ќе даде голем придонес во делот на ослободување на персонален данок и останатите давачки за придонеси. Сметаме дека ова е искучителна можност за компаниите да ги прошират своите човечки капацитети, апсурдот кој што го имаме во државата покрај голема невработеност да немаме доволно стручни кадри, оваа можност да се искористи во таа насока- да се квалификуваат луѓе кои што ќе можат да допринесат во компаниите. Веќе атмосферата кај голем дел од компаниите и менаџерите се коментираат позитивно овие мерки, се препознава стратегијата на Владата дека има намера сериозно да се зафати со проблемот – невработеност и да се изнајдат сите можни начини да се мотовираат и компаниите и невработените да се активираат и да најдат работа, изјави Сеад Кочан, потпретседател на ССК за Лидер.