Новите пари се за да им се излезе во пресрет на граѓаните

Во третиот квартал од годинава забележано е намалување на инфлацијата, а од НБРМ очекуваат до крајот на годината инфлацијата да се движи околу нулата. Печатењето на новите банкноти е со цел да се намали преголемата разлика која постои помеѓу две последни деноминации и да им се излезе во пресрет на граѓаните.

Се очекува новите банкноти од 200 и 2000 денари  да бидат готови до крајот на годината и да почнат да се употребуваат веќе на стартот на следната, 2015 година. Со нив треба да се изврши ребалансирање на постојната апоенска структура.

Народната банка (НБРМ) на последната седница објави дека ги одбра идејните решенија и изгледот на новите банкноти од 200 и 2.000 денари.

Народната банка на Македонија (НБРМ) во јули годинава го објави конкурс со кој бараше идејни решенија за изгледот на новите книжни апоени. Воведувањето на новите апоени е резултат на спроведени сеопфатни анализи врз основа на кои е утврдено дека со новите банкноти ќе се изврши ребалансирање на постојната апоенска структура и ќе се ублажи преголемата разлика која во моментов постои помеѓу две последователни деноминации.

– Инфлацијата воопшто не е причина за донесување на оваа стратегиска одлука. Напротив, по воведувањето на апоените од 2.000 МKД можно е да се повлечат оние од 5.000 МKД, информираа од НБРМ.

Оттаму велат дека воведувањето на новите банкноти е насочено само кон потребите на граѓаните.

– Печатењето книжни пари со апоени од 200 и 2000 денари е исклучиво поради насоченоста на НБРМ кон корисниците. Инфлацијата во Македонија се движи околу нулата, па не постои никаква поврзаност. Дополнително, фактот што корисниците ретко го користат постоечкиот апоен од 5000 денари упатува на отсуство на било какви инфлациони очекувања,  велат од НБРМ за „Дневник“.

Во текот на третиот квартал на 2014 година инфлацијата се намали, што влијае да се очекува просечната годишна инфлација до крајот на годината да биде околу нулата. Покрај пониските остварувања, причини за пониската oчекувана инфлација се и отсуството на ценовните притисоци преку домашната побарувачка, како и најновите намалувања на светските цени на нафтата и храната.

НБРМ за следната година поради постепеното отворање на позитивниот производствен јаз, во услови на засилување на домашната економија, очекува умерено повисока инфлација, која би се движела околу 1%, а во 2016 година околу 2%.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.