Новите странски инвестиции егзистенција за над 2.000 македонски семејства

Stranski Investicii

Изминативе неколку денови беа најавени три нови инвестиции, кои ќе отворат повеќе од 2.600 нови работни места во земјава.

Станува збор за фирмата „СТС Текстил“, која ќе инвестира во Велес и ќе отвори околу 1.000 нови работни места, потоа германски „Костал“, кој пак веќе стартуваше со работа во Охрид со инвестиција во вредност од 30 милиони евра, и кој исто така ќе вработи 1.000 лица. Грчката компанија „Цераметал“ е трета по ред инвестиција во изминативе три дена. Ќе инвестира во индустриската зона Жабени во Битола, и ќе овозможи најмалку 600 директни вработувања.

Според економистите новите 2.600 вработувања кои се најавени за само три дена, се значајна бројка, која директно ќе влијае врз порастот на вработеноста во земјава.

Секоја инвестиција отвора нови погони во коишто ќе создава нов производ, кој ќе се пласира на домашниот или на странскиот пазар и со самото тоа се врши таканаречена диверсификација на стоките и услугите кои се нудат на пазарите и на тој начин се разигрува нашето производство и нашиот извоз во странските земји, особено ако станува збор за производи коишто имаат и повисока додадена вредност, што нормално создава и соодветно позитивно влијание врз идниот очекуван раст на БДП-то. Самото отворање на тие три инвестициски објекти значи нови погони во кои ќе се вработат како што е најавено 2.600 лица. Тоа значи дека имаме директно влијание врз порастот на вработеноста, односно намалување на невработеноста  во земјата, како социјален проблем којшто се провлекува низа години наназад. Тие 2.600 луѓе нормално ќе најдат своја егзистенција со вработување во некоја од овие компании и сатисфакција да го пласираат знаењата што ги стекнале во текот на нивното школување, и секако да добиваат плата од којашто ќе можат да ги задоволат своите егизстенцијални потреби, а во исто време своите примања ќе ги трошат во земјава, што исто така ќе има влијание врз состојбите на буџетот на Македонија во иднина, посочува во изјава за Нет Прес, професорот Томе Неновски.

Според него, новонајавените инвестиции освен што ќе имаат позитивно влијание врз македонската економија, се и доказ дека странските инвеститори веруваат дека земјата наскоро ќе излезе од кризата во која моментално се наоѓа.

Инвестициите претставуваат и верба на странските инвеститори дека сепак економијата и општеството во целина набргу ќе излезат од кризата во која што се длабоко навлезени. Тоа значи дека тие имаат позитивни претпоставки за идниот просперитет на македонската економија, во спротивно не би инвестирале во државата, истакнува Неновски.

Според универзитетскиот професор Зоран Ивановски, пак, не е доволно само да влегуваат странски инвестиции во државата, туку поважно е тоа колку бенефити има државата од нив. Тој смета дека растот на македонската економија повеќе би требало да се базира на домашни инвестиции.

Постојат доста дилеми околу странските инвестиции колку бенефити и носат на државата. За да нема дилеми околу тоа јас би препорачал кај сите странски инвестиции точно да се посочи колку тоа ја чини и државата, дали сите што влегуваат се ослободени од плаќање на придонеси, дали државата им обезбедува некои други бенефиции кога се отвораат истите. Тие секако ќе донесат нови вработувања и плати за македонските граѓани, но може ќе претставуваат и дополнителен товар на буџетот на државата, од каде ќе се покриваат нивните придонеси, давачки и слично, посочува Ивановски за Нет Прес.

Нови 1000 вработувања во „СТС Текстил“ во Велес

Новиот инвестициски циклус го почна германската „СТС Текстајлс“, компанија што отвора илјада работни места во Велес. Ќе работи во објектот на поранешната фабрика „Нонча Камишева“. Компанијата влегува во Македонија со почетна инвестиција од 4 милиони евра.

Прво ќе отвори 50 работни места, а според проекциите на компанијата бројката на ново вработени ќе се искачи до 1.000 лица. Според планираното во наредниве 5 години планирано е покрај директните вработувања бројката да биде зголемена и со индиректни вработувања.

„Тоа се 1.000 семејства кои ќе најдат сигурна егзистенција и место за работа. Ова ќе биде браунфилд инвестиција, односно капацитетите на компанијата ќе бидат сместени во поранешната фабрика Нонча Камишева, или позната како поранешната Свилара во Велес, која како и многу други беше уништена во болната транзиција од која без работа останаа илјадници граѓани. Денес ние успеваме пропаднатите капацитети да претвораме во успешна приказна. Свиларата во Велес ќе биде успешна фабрика во која ќе биде сместена германската STS Textiles која ке извезува производи од индустриски текстил за автомобилската и техничка индустрија во земји како Германија, Полска, Италија и Франција“, напиша лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, на својот Фејсбук профил, по најавата за инвестирање во земјава на германската „СТС Текстил“, кој додаде и дека се работи за компанија која била прогласена за една од Топ 100-те иновативни компании во Германија.

Во фабриката во Велес ќе се работи со најсовремена опрема за плетење, истакна управителот на компанијата Маркус Туч, кој дополни и дека ќе го остварат и даденото ветување за идни инвестиции.

Претставува навистина големо задоволство што една од најиновативните германски компании за производство на технички и индустриски текстил, покажа желба и посветеност токму тука да ја реализира првата инвестиција надвор од Македонија, што потврдува дека условите за водење и започнување на бизнис во Македонија се на високо ниво. Со отворањето на Маркарт, инвестицијата на индиската БРГ, како и со започнување на работата на СТС Текстајлс, очекуваме позитивни ефекти во Велес и дополнително намалување на невработеноста, која во изминативе 10 години со имплементирањето на комплементарните економски политики е намалена за околу 50 проценти, смета вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

„Цераметал“ инвестира во „Жабени“ нови 600 работни места за граѓаните

Грчката компанија „Цераметал“ од Атина, пак, ќе инвестира во Битола, во индустриската зона Жабени, каде ќе произведува метални производи, конструкции и на материјали за заварување што наоѓаат примена во енергетскиот и градежен сектор.

Цера Метал ја избра оваа индустриска зона за да ги вложи своите средства за градење на нова индустриска единица, како главен предуслов беа поволната бизнис клима, инфраструктурата, блискоста со Грција, исто така и рангирањето преку дуинг бизнис членот на земјата во 2016 година беше прогласена за најповолна земја за инвестиции. Исто така поддршката од владата и локалната самоуправа беше еден голем предуслов за да одлучиме ние за инвестирањето тука , спремноста и обученоста на работната рака на луѓето кои сакаат да работат кај нас, расположливоста за комуникација и познавањето на англиски и грчки јазик беше пресудно за да одлучиме дека ние треба да го развиеме нашиот бизнис во оваа земја, посочи директорката на „Цера Метал, Марија Пападопули, најавувајќи ја одлуката да инвестираат во земјава.

Компанијата располага со голема мрежа на клиенти, кои  нивните производи ги продаваат најмногу во Европа со 40 отсто во Германија, Канада, Чиле, Бразил, Турција, Русија, Јапонија, Тајван и во многу други земји.  Компанијата веќе купи градежно земјиште во индустриската зона Жабени, кое се простира на 45.000 метри квадратни, преку електронска аукција.

Почетната инвестиција е околу 5 милиони евра, а се очекува конелната висина на инвестицијата да достигне до 12 милиони евра. Во првата фаза на производството во оваа индустриска единица ќе се ангажираат околу 150 вработени и покрај нив во локалната околина ќе се вработат околу 30 луѓе кои ќе бидат ангажирани за останатите одговорности околу производството, надзор, царина и слично.

Како и што ќе се развива производителна единица, како што посочува директорката Пападопули , така и ќе вработуваме нови луѓе и во фабриката ќе бидат вработени околи 600 лица.

„Костал“ го стартуваше производството во Охрид, предвидени 1000 вработувања

Германската компанија „Костал“ ,  пред три дена официјално го почна производствениот процес во охридско – струшкиот регион. Според најавите, компанијата за 10 години ќе вложи 30 милиони евра и ќе отвори околу илјада работни места. Таа е сместена во просториите на „ЕМО Охрид“, а планот е во иднина да се пресели во слободната економска зона во овој регион.

Имаме одлична поддршка од Владата и од државните институции. Единственопреку ваква поддршка можеше за помалку од една година да почнеме со производство, рече претседателот на групацијата, Андреас Костал, на официјалното стартување со производствени активности на компанијата.

Со ова, „Костал“ го враќа Охрид на мапата познати индустриски градови, бидејќи компанија активно соработува со гиганти од рангот на БМВ, Порше, Дајмлер, Форд, Ауди.

Во „Костал“ ќе бидат ангажирани дел од поранешните вработени во „ЕМО“, како еден од важните услови за инвестицијата на компанијата во овој регион,  изјави директорот на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Според лидерот на владејачката партија, Груевски, пак, инвестицијата ќе значи сигурна егзистенција не само за луѓето во Охрид и охридско, туку и можност за вработување на жителите од Дебарца, Струга, Кичево.

Носењето на нови инвестиции не е лесен процес, но ние нашите ветувања ги остваруваме. Дадениот збор за нас е обврска. Вака се бориме за Македонија, со нови работни места, наспроти деструктивноста од опозицијата, со поддршка и реформи за силна економија, со нови мерки и проекти за подобар стандард и напредок на државата, посочи Груевски на официјалното стартување со работа на оваа компанија.

Според последните податоци на Народна банка, во периодот јануари – јули во земјава се влезени над 171 милион евра странски капитал, што е за 12,2 милиона повеќе во однос на истиот период од минатата година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.