Новите владини мерки полн погодок за земјоделците

Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски најави серија мерки кои ќе им бидат од голема корист на земјоделците. Според неговото ветување дадено на народниот собир во Тетово, Владата предвидува мерки за зголемување на рокот на важност на регистрацијата на тракторите, легализација на мотокултиватори, едноносни приколки и полуприколки и други мобилни машини кои им се неопходни на земјоделците за извршување на нивните секојдневни работи, особено во период кога имаат големи трошоци за производство.

Претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров, во разговор за Лидер, ваквите мерки ги оценува како поволни и во нивна корист.

– Се што ветува премиерот го исполнува досега, тој стoи зад земјоделците и затоа земјоделците му веруваат дали станува збор за субвенциите или за некои други мерки кои досега се имаат превземено. Така да, и овие мерки кои што си спомена на последниот народен собир се за поздравување, посебно мерката за тракторите. Исто така за земјоделците е многу важна и мерката за 100 % обештетување на штетите од поплавите кои што ги претрпеа земјоделците, премиерот тоа го вети и го најави на народниот собир во Штип. Значи тој што ветува тоа исполнува. Овие мерки беа на наше барање.Моментално имаме и други проблеми. Состојбите со поплавените површини особено во битолскиот регион, каде што четири пати Црна Река се излева и сега последните дождови што паднаа во Пелагонија состојбите со извршувањето на пролетната сеидба се влошува од ден на ден, значи секоја капка што ќе падне веќе не оди во прилог на сеидбата. Ние сакаме по велигденските празници да разговараме со Владата, како да им се помогне на земјодеците кои поради невремето, полплавите нема да можат да ја извршат пролетната сеидба, вели Тантаров за Лидер.

Покрај зголемување на рокот на важност на регистрацијата на тракторите, легализација на мотокултиватори, едноносни приколки и полуприколки и други мобилни машини кои им се неопходни на земјоделците за извршување на нивните секојдневни работи, премиерот Груевски ја најави и мерката за намалување на цената за изготвување геодетски елаборати за обележување на шуми што е услов за добивање на одобрение за сеча на дрва за греење.

-Ќе овозможиме, наместо секоја година тракторите да се регистрираат на секои 6 години, а нивната техничка исправност ќе се потврдува на секои две години. Истакна дека предлогот за легализација на мотокултиватори, едноносни приколки и полуприколки и други мобилни машини ќе може да го поднесат во рок од една година по донесувањето на законот со кој тоа ќе биде овозможено. По барање на граѓаните сопственици на приватни шуми, Катастарот во соработка со Комората на приватни геодетски фирми ја започна постапката за намалување на цената за изготвување на геодетски елаборати за обележување на шуми што е услов за добивање одобрение за сеча на дрва за греење. Сегашната цена која е 30 денари за 1 метар должен ќе биде намалена за 50 отсто за површини до 1 хектар додека за површините над 1 хектар и поголеми ќе се намали и до 70 отсто, рече Груевски на народниот собир во Тетово.

Во тетовско-гостиварскиот регион во изминатите години земјоделците добија над 30 милиони евра субвенции, односно по околу 5 милиони евра годишно.

Инаку, и оваа година ќе продолжи владината поддршка за развој на аграрот, модернизација на земјоделскиот сектор и руралниот развој.

Според Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделството, за 2015 година се предвидени 102 милиони евра за рзвој на земјоделското производство, а од Програмата за рурален развој изнесува околу 33 милиони евра.

Претходно, Груевски најави дека земјоделците кои беа погодени од поплавите, од Владата на Република Македонија ќе добијат 100 отстотно обесштетување.