Новите возови двојно го зголемија бројот на патници, модернизацијата продолжува

Се враќа сјајот на македонската железница. По цели 35 години по македонските железници се возат нови возови по светски стандарди. Освен за во обновување на возниот парк, значителни средства се вложуваат и во изградба и реконструкција на железничката инфраструктура. Македонската железница се повеќе се доближува до европските и светските железници. За 60 отсто е обновен железничкиот сообраќај во Македонија во текот на 2016 година. Ова за патниците, според директорот на МЖ Транспорт,  ќе значи подобри условите во железничкиот сообраќај, задоволување на сите безбедносни стандарди

После 38 години за првпат се набавени нови патнички железнички возови, со коишто патниците добиваат квалитетот на услуги според европски стандарди со сите комоции кои може да ги понуди еден современ патнички воз (клима, телевизија, интернет), како и од аспект на техничката безбедност и сигурноста на патникот. Македонски железници сега располага со четири дизел и два електро- железнички патнички возови, од кои четири се пристигнати, а останатите два треба да пристигнат до крајот на оваа година, посочува за Нетпрес првиот човек на македонските железници, Никола Костов.

Со новите патнички возови бројот на патници во споредба со минатата година, како што потенцира тој, е зголемен за 150 до 200 отсто.

Тоа покажува дека интересот на граѓаните кон железничкиот сообраќај се враќа, граѓаните се повеќе се превезуваат со воз, како и во останатите европски држави. Податоците покажуваат дека во Европа скоро 99 отсто од меѓуградскиот сообраќај  се одвива со возови. Споредбено со Македонија и земјите од регионот, 15,5 отсто од сообраќајот се одвива преку железниците, па оттука многу е важно враќање на патниците во железничкиот сообраќај, тоа е и целта на македонски железници, вели генералниот директор на МЖ Транспорт.

Автоматски со набавката на новите железнички возови, се работи и на обновата и реконструкцијата на железничките станици, со цел, како што вели Костов, патниците да добијат комплетна услуга.

Околу 15 железнички станици долж Коридорот 10 целосно ќе бидат реконструирани, најавија надлежните. Со цел поквалитетни услуги за граѓаните во железничкиот превоз досега реконструирани се 8 железнички станици,  а во фаза на реконструкција се уште две.

Целосно ги реконструиравме железничките станици во Велес, Неготино, Демир Капија, Чашка, Табановце, Градско, Богомила и Прилеп. Реконструкцијата на станицата во Битола е во завршна фаза а пред извесно време започнавме со реконструкција и на последната станица во Гевгелија во рамките на овој проект. Инвестицијата е 2.3 милиони евра. Со овој проект како и со набавката на новите возови граѓаните ќе добијат поквалитетни услуги во железничкиот превоз, информираше неодамна министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Првиот човек на македонска железници „Транспорт“ апелира до граѓаните совесно да се однесуваат кон превозните средства.

Апелирам до сите патници да се однесуваат совесно и цивилизациски и да не се дозволи вандалско однесување и уништување на внатрешноста, но и на надворешноста на возните гарнитури, посочува Костов.

После набавката на 150 товарни вагони во вредност од 13 милиони евра и набавката на 6 нови патнички возови, за кои се инвестирани 25 милиони евра, инвестицискиот циклус во обновата на возниот парк на македонски железници продолжува и во следниот период. За 2017 година се најавува набавка на пет нови возови, од кои три дизел и два електро-моторни возови, како и три електрични локомотиви, со што патниот железнички сообраќај ќе биде целосно обновен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.