Новковска: Во Заводот за статистика има 18 отсто Албанци

Државниот завод за статистика не е пречка за спроведување нов попис зашто 18 проценти од вработените се од албанската заедница. Ова е одговорот на ДЗС на условувањата од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека значајно е земјава да спроведе попис, но претходно статистика да се екипира со повеќе Албанци за граѓаните да имаат доверба во институциите надлежни за пребројувањето, пишува „Дневник“.

Освен поголема застапеност на Албанците во ДЗС, за да се согласат за нов попис, интегративците ќе бараат посебна графа за населението што живее во државава и друга графа во кои ќе бидат евидентирани граѓаните што повеќе од една година се во странство, но еднаш или повеќепати доаѓаат во земјава. Ова, како што брифира за „Дневник“ висок функционер на ДУИ, ќе биде понудата на партијата на Ахмети до премиерот Никола Груевски за евентуално премостување на клучното недоразбирање меѓу владините партнери за фијаското на пописот во 2011 година.

– Висока професионална подготвеност – техничка, методолошка и организациска – е гаранција за успешно спроведување која било операција, вклучително и пописот. Гарантирам дека и при пописот во 2011 и сега ДЗС е подготвен за попис. Во Заводот за статистика има 18 отсто вработени од албанската заедница и сметам дека станува збор за висок процент на застапеност – изјави Благица Новковска, директорка на Државниот завод за статистика, за „Дневник“, додавајќи дека не сака да ги коментира ставовите на Ахмети оти статистика треба да се екипира со повеќе Албанци.