Ново обвинение за фиктивни работни места за блиски лица на Франсоа Фијон

Франсоа Фијон (лево) и милијардерот Марк Ладреи д'Лашариер во нов скандал со фиктивни вработувања во неговото семејство

Францускиот милијардер Марк Ладреи д’Лашариер е обвинет во петокот поради вмешаност во скандалот со фиктивните работни места, во кои бил вмешан и претседателскиот кандидат на конзервативците, Франсоа Фијон, објавија во неделата судски извори.

Марк Ладреи д’Лашариер ја вработил сопругата на Франсоа Фијон во списанието во негова сопственост La Revue des Deux Mondes. Пенелопе Фијон таму работела од мај 2012 до декември 2013 година за месечна плата во износ од 5.000 долари пред плаќањето на даноците.

Милијардерот, кој е близок пријател на поранешниот премиер, бил повикан во судот во петокот навечер и обвинет за злоупотреба на имотот на компанијата, пишува весникот Journal du Dimanche.

Фијон и неговата сопруга уште во јануари годинава беа обвинети кога сатиричниот и истражувачки неделник Le Canard Enchaine откри дека Пенелопе Фијон во неколку наврати добила поголеми суми пари како дел од парламентарниот персонал, и дека во текот на осум години сопругот ѝ исплатил 500.000 евра од парламентарниот систем.

Утврдено е дека не постои ниеден доказ ниту евиденција којашто би докажала дека госпоѓа Фијон навистина таму работела. Францускиот закон не забранува ангажирање на членови на семејствата на парламентарците и политичарите во нивните политички активности и да бидат платени од буџетот, но тоа не смеат да бидат фиктивни ангажмани.

Во текот на предизборната кампања, поранешниот премиер Франсоа Фијон, кој инаку дотогаш важеше за главен фаворит за конечен победник на француските претседателски избори, призна дека бескаматно од Ладреи д’Лашариер позајмил 50.000 евра, без тоа да го пријави. Самиот Фијон и натаму смета дека не сторил ништо погрешно, и тврди дека обвинувањата против него се политички мотивирани за да му ја уништат кампањата.