Ново поскапување на цената на горивата ?

Регулаторната комисија за енергетика следниот понеделник ќе направи нова корекција на цените на горивата. Според проценките, поскапувањето ќе изнесува 3-4 денари за литар гориво а се должи на падот на американкото производство на нафта и намалувањето на резервите на „црното злато“.

Во Македонија, малопродажната цена на нафтените деривати се формира врз основа на цената на берзата во Њујорк, а влијание има и курсот на доларот во однос на денарот.

Американската лесна нафта за испорака во мај поскапи на брзата во Њујорк за 45 центи на 52,36 долари за еден барел, додека нафтата од типот Брент на берзата во Лондон се тргуваше за 51 цент поскапо по цена од 58,44 долари за барел.

Ако се имаат предвид денешните цени, можеме да очекуваме значително поскапување на горивата. Имено, минатиот понеделник, регулаторот ја формираше цената на горивата во Македонија врз основа на просечната цена на суровата нафта која тогаш на берзата во Лондон изнесуваше 54,5 долари за еден барел, а курсот на денарот во однос на доларот беше 57,9 денари.

Во моментов, барел нафта чини речиси 4 долари повеќе од пред една недела, а еден долар се продава за 58,4 денари. Доколку се задржи ваквиот тренд можеме да очекуваме значително поскапување на горивата во Македонија кое би се движело меѓу 3 и 4 денари по литар.

Моментално, литар Еуросупер од 95 октани се точи за 67,5 денари, 98 октанското гориво чини 69,5 денари по литар. Цената на овие горива не претрпе корекции минатата недела. Дизелот минатиот понеделник поевтини за половина денари и сега се продава за 53 денари по литар.