Ново повеќенаменско игралиште во општина Аеродром

Камен темелник за ново повеќенаменското игралиште во населбата Лисиче денеска поставија директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Конески.

Игралиштето кое ќе биде изградено во дворот на училиштето „Димитар Македонски“, ќе биде со димензии 45 на 28 метри и ќе може да се користи за играње мал фудбал, серва, кошарка, ракомет, тенис и други игри.

– Игралиштето ќе може да се користи и во вечерните часови бидејќи е осветлено со рефлектори и верувам ќе претставува одлична поддршка за сите спортисти и сите граѓани на општината Аеродром. Инвестирањето во спортската инфраструктура е можеби еден од најбитните развојни сегмени на спортот. Токму во таа насока е и перманентното вложување на Владата на Република Македонија во изградбата на спортски капацитети, истакна Спасески.

Според него, проектите за изградба на 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта 120 тениски терени и 100 повеќенаменски игралишта ја докажаа својата корист. Во салите се бара термин повеќе, рече Спасески, а фудбалските терени станаа дом на младинските фудбалски школи.

Игралиштето е 60-то повеќенаменско игралиште, од вкупно 100 кои се предвидени да се градат низ државата. Рокот на иградба е пет месеци но, според директорот Спасески се очекува тоа да биде завршено до крајот на септември. Вкупната инвестиција на игрелиштето е околу 8.7 милиони денари.

Градоначалникот Конески се заблагодари на Агенцијата и Владата за инвестирањето во спортските објекти во Аеродром и истакна дека се надева на голема посетеност од децата на сите игралишта во општината.

Теренот на игралиштето ќе има асфалтна подлога а целосно ќе биде оградено со транспарентна жичана ограда висока шест метри. Дворот на училиштето ќе биде партнерно уреден со пешачки патеки, клупи за седење и канти за отпадоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.