Ново реми за Вардар во Анталија

На третиот пријателски натпревар за време на подготовките во Анталија, актуелниот шампион на Македонија, ФК Вардар, одигра 1:1 против словачкиот прволигаш Спартак Мијава.
Првиот погодок на натпреварот, постигнат во 17 минута, беше дело на брзоногиот крилен напаѓач на Вардар, Драган Ѓорѓиев, а Словаците израмнија преку Ургела во 31 минута.
Избраниците на искусниот руски стручњак, Сергеј Андреев имаа целосна контрола врз играта во вторите 45 минути, но за жал, поранешниот репрезентативец на Македонија, Илчо Наумоски не искорсити две чисти шанси во 52 и 65 минута, а за одбележување е и неискористената шанса на младиот напаѓач Антонио Бујчевски.
Првиот голман на Вардар, Игор Павловиќ заработи посериозна повреда во 22 минута, а поради здравствени проблеми, дуелот против Спартак од трибините го следеа Филип Ивановски, Филип Деспотовски и Костандин Захов.
Шефот на стручниот штаб Сергеј Андреев, на дуелот против Спартак Мијава се одлучи за следниот состав: Павловиќ (22’ Јаневски), Рељиќ (83’ Блажевски), Бојовиќ (55’ Таневски), Трниниќ, Димитровски (34’ Лазаревски), Цикарски, Јовановски (80’ Стојчевски), Грозданоски, Ловречич, Ѓоргиев (68’ Симјановски) и Наумоски (77’ Бујчевски).