Ново скудето за Јуве, Милан владетел во Милано

Благодарение на убедливиот пораз кој фудбалерите на Рома го доживеаа на незгодното гостување во Катанија, фудбалерите на Јувентус и математички ја освоија јубилејната 30. титула во италијанската Серија А.

На две кола до крајот на актуелната сезона, “старата дама” има недостижна предност од осум бода пред второпласираната Рома, а денешниот првенствен дуел против гостинскиот тим на Аталанта ќе има само ревијален карактер за фудбалерите и за најверните фанови на Јувентус.

Неделниот дерби натпревар од 36. коло во италијанската Серија А, градската пресметка помеѓу Милан и Интер заврши со минимален триумф на “росонерите” од 1:0.
Единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 65 минута беше дело на холандскиот интернационалец, Најџел де Јонг.

“Радоста по натпреварот е доволен доказ колку ја посакувавме оваа победа, доказ дека ние сме едно големо семејство. Сега ќе уживаме во овој голем успех, кој не остави во игра и за едно од двете места кои водат во групната фаза од Лигата на Европа. Сега е време за славје, но од утре ќе се фокусираме на тешкото гостување во Бергамо”, изјави предводникот на Милан, Кларенс Сидорф.
Резултати: Парма – Сампдорија 2:0, Џенова – Болоња 0:0, Удинезе – Ливорно 5:3, Катанија – Рома 4:1, Киево – Торино 0:1, Милан – Интер 1:0.