четврток, 17 август 2017  |  Вести денес: 0

Ново зголемување на пензиите, социјалата и капиталните инвестиции

penzija

Поврзани вести

Собранието на Република Македонија денеска на пленарна седница ја почна расправата по Дополнетиот предлог буџет за 2016 година. Со буџетот за следната година се планира ново зголемување на пензиите, социјалата и капиталните инвестиции.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека основата за подготовка на буџетот се остварувањата на македонската економија за 2015 и проекциите на Министерството за финансии, како и на ЕК, на ММФ и на СБ за европската и светската економија, вклучително и за македонската економија во 2016 година.

Во однос на реализацијата во 2015 година, рече, македонската економија го продолжи трендот на раст кој во првото полугодие од годината достигна 2,9 проценти, а се задржаа и другите макроекономски фундаменти кои ја прават македонската економија една од поуспешните во Европа. Во тој контекст ги посочи одржувањето на умерено ниво на задолженост, стабилноста на цените и банкарскиот сектор и намалувањето на невработеноста.

Растот на економијата во 2015 од 2,9 проценти во услови на сериозна политичка криза во земјата, а во исто време постоење на европска криза заради преговорите на Европа со Грција, рече Ставрески, претставува уште еден силен показател за жилавоста на македонската економија и добропоставените економски политики. Тој очекува до крајот на годината растот да биде и над 3 проценти.

Потврда за ова се, вели, и извештаите на меѓународните финансиски институции. Така ЕБОР овој месец објави дека очекува Македонија заедно со Црна Гора да оствари највисок економски раст во ЈИЕ од 3,5 проценти. Слични проекции од 3,2 проценти имаат и СБ, ММФ и ЕК.

Двигател на растот годинава, како и претходните години, беа инвестициите и извозот. Кај приватните инвестиции најголем е придонесот на странските компании, како и инвестициите во домашниот приватен сектор, пред се во традиционалните извозни сектори што овозможија стапката на инвестиции за 2015 година да достигне 30 проценти од БДП што е историски највисоко ниво на инвестиции. Кај јавните инвестиции, најважни се инвестициите од буџетот, односно капиталните инвестиции кои овозможија да се поддржи домашната активност, односно растот на градежништвото и индустријата и услужниот сектор. За индустриското производство во првите девет месеци оствари раст од 2,5 проценти и беше најпогодено од политичката криза, а во вториот квартал од годината беше со негативни резултати.

– Добро е што во август и септември по склучувањето на политичкиот договор имаме позитивни движења во индуструјата која што растеше во август со 12,7 проценти и во септември со 8,6 проценти, што значи дека се враќа стабилноста и довербата во институциите и политичката стабилност, рече вицепремиерот Ставрески додавајќи дека имаме раст на една страна на производството во слободните економски зони, но и во традиционалните индустриски сектори во Македонија.

Кај втората компонента на растот – извозот, првите девет месеци забележа раст од 8,9 проценти и се должи на доброто работење на компаниите во слободните економски зони. Вкупниот извоз од овие зони изнесува 1,205 милијарди евра, што е за 27 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Овие компании произведуваат 36 проценти од македонскиот извоз. Значајно е, нагласи Ставрески, и што е променета структурата на извозот, за што се залагаше Владата, а тоа е пред се производство на производи со повисока технолошка вредност како делови за автомобилската индустрија, на електрични компоненти, транспортни возила – автобуси.

Оваа трансформација на македонскиот извоз, рече, ќе биде основа за растот и во наредните години. Македонија, пак, рече, е една од ретките земји што има суфицит со Германија кој изнесува над една милијарда евра. Тоа значи дека извезуваме на еден исклучително пробирлив пазар, што е исклучително позитивно за Македонија.

Трговскиот дефицит, нагласи вицепремиерот, продолжи да се намалува и е понизок за 4,6 проценти во однос на истиот период од минатата година и е целосно финансиран со странските директни инвестиции.

Позитивните движења во економија, нагласи Ставрески, се одразија и во историски најниско ниво на стапката на невработеност, која во јуни достигна 26,8 проценти, што е за 1,4 процентни поени помалку во однос на истиот квартал во 2014. Тоа е резултат на директните владини политики меѓу кои и проектот „Македонија вработува“ со кој од април до ноември вработени се  8.965 лица. Во слободните економски зони во моментот работат 15.500 лица, од кои 6.470 се вработени во 2015 година. Раст на вработеноста во 2015 има во преработувачката индустрија, градежништвото, финансиските услуги итн. – Со тоа стапката на вработеност, како пандан на стапката на невработеност, е зголемена за 41,7 проценти, а бројот на вработени на 699. 578 лица, што е исто така историски највисоко ниво на варботеност во РМ, рече вицепремиерот Ставрески.

Во однос на странските директни инвестиции, очекувањата се дека ќе продолжи трендот на нивен раст и во 2016 година со инвестициите најавени во октомври и ноември.

Ставрески се осврна и на извештајот на Дуинг Бизнис со кој Македонија според бизнис климата се рангира на 6. место во Европа и 12. во светот. Во Европа е по скандинавските земји и Велика Британија, а е подобра од 24 земји членки на ЕУ, како резултат на мерките на Владата.

За Буџетот рече дека се реализираше во исклучително сложени услови, но реализацијата се одвиваше подобро од планирано што се должи на повисокиот степен на наплата на приходи во буџетот, кои за првите девет месеци се за 12,3 проценти повеќе во однос на истиот период 2014. При тоа даночните приходи бележат пораст за 12, 8 проценти или за 7,8 милијарди денари.

На расходната страна, рече, расходите се повисоки за 7,6 проценти, а се должат на зголемувањето на социјалните права од 10 проценти со јунската исплата и зголемување на пензиите од 621 денари или во просек за 5 проценти. Како резултат на овие движења на приходната и расходната страна за првите девет месеци остварен е дефицит од 13,8 милијарди денари или за 20,5 проценти помалку од соодветниот дефицит во 2014 година.

– Од тоа може да се констатира дека реализацијата на буџетот е добра, подобра од претходната година….. Државниот долг на РМ, заклучно со крајот на септември, изнесува 3,233 милијарди евра, односно 36 проценти од БДП, а јавниот долг во истиот период е 43,9 проценти од БДП што е 2,1 процентен поен помал од 2014 година кога ја земавме еврообврзницата во јули и кога нивото на јавниот долг достигна над 46 проценти. Значи, нивото на јавниот долг е помал со што Македонија и натаму останува во сферата на умерено ниво на задолженост, рече Ставрески.

Основната проекција за 2016, пак, рече, е дека ќе имаме повисок степен на политичка стабилност и тоа ќе овозможи подобар амбиент за стопанството и за граѓаните и тој нема да претставува пречка за подобри економски резулати. ЕУ во 2016 ќе има нешто повисок раст од 2015, односно 2 проценти, а во еврозоната 1,5 проценти што, вели, ќе влијае позитивно врз потрошувачката и инвестициите во Македонија.

– За следната година се предвидува реалниот раст да достигне 4 проценти и би бил еден од повисоките резултати во Европа, а такви се и очекувања на ЕК, ЕБОР и сите очекуват следната година Македонија да има меѓу најдобрите резултати во Европа, рече Ставрески.

Според предлогот, вкупните расходи се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176.804 милиони денари каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.Основни карактеристики на буџетот за 2016 година според предлагачот се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти следната година и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестици, со цел да се поттикне развојната компоненета на буџетот.На приходната страна се очекува даночните приходи да имаат раст од 6,5 проценти и да изнесуваат 101.531 милион денари, неданочните се планирани на 9.633 милиони денари и се за 519 милиони повеќе, а придонесите да имаат раст од 4,2 проценти и да изнесуваат 49.187 милиони денари.На расходната страна, покрај средствата предвиени за повисоки пензии и социјални додатоци, се предвидени средства повисоки за 3,3 проценти за платите или 25.906 милиони денари, за стоки и услуги се проектирани 19.618 милиони денари или 3,5 проценти повеќе од 2015 година, обезбедени се средства за изборите во април 2016 година, како и за трансфери. За здравствена заштита се предвидени 1.334 милиони денари, предвидени се зголемени трансфери за единиците на локалната самоуправа за обезбедување рамномерен регионален развој, како и 141 милион евра за субвенции за земјоделците. Капиталните расходи се проектирани на 25.092 милиони денари и се за 12,9 проценти повеќе од оние во 2015 година.Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 проценти.

На предложениот текст беа доставени 417 амандмани. Во утврдениот рок од 10 дена, колку што траеше расправата во матичната собраниска комисија, според Деловникот на Собранието на Република Македонија, разгледани беа 92 амандмана, од кои прифатени беа четири.

Седницата ќе продолжи по редовната пауза. Расправта по предлог на буџетот треба да заврши во рок од пет дена.

Најчитани вести