Новогодишен концерт во СОС Детско Село

Со концертот на гудачкиот квартет составен од членови на Македонската филхармонија кој се одржа во „СОС Детско Село” во неделата, започна серијата мали новогодишни концерти под името „Еден тон, за насмевки милион“.

Децата уживаа во класичната музика изведена од врвни музички мајстори и во програмата која специјално за овој концерт вклучуваше разнородни форми и неколку жанрови, заради едукативната нитка која е многу важна за приближувањето на класичната музика до најмладите.

Децата со големо внимание ги следеа композициите: Мала ноќна музика од В.А. Моцарт, Валцерот број 2 од Д. Шостакович, тангото Por una Cabeza од А. Пјацола , но и популарните композиции Sway од Мајкл Бубле, Shape of You од Ед Ширан, нашата песна „Македонско девојче“ во специјално подготвен аранжман за гудачки квартерт и омилената детска новогодишна композиција Jingle Bells.

Но, настанот не заврши со самата изведба на концертот, туку децата со музичарите Елена Талевска – прва виолина, Симон Поповски – втора виолина, Дубравка Зајкова – виола, Дејан Теодосиевски – виолончело, уште долго потоа разменуваа доживувања за слушнатата музика и се запознаваа одблиску со нивните инструменти.

Македонската Филхармонија, како општествено одговорна институција, со поддршка на МРДНИ СО ПРСТ, со овој концерт ја започна серијата мали новогодишни концерти кои ќе се изведат во неколку домови за деца без родители и домови за стари лица под името „Еден тон, за насмевки милион“, со цел музиката да придонесе за новогодишниот дух и расположение во овие домови.