Новогодишен концерт на Воениот оркестар на АРМ

Во Домот на АРМ во Скопје, утре во 19 часот ќе се одржи традиционалниот Новогодишен концерт на Воениот оркестар на АРМ. На концертот, Воениот оркестар на АРМ ќе изведе репертоар од различни нумери од познати домашни и светски автори, музички теми од филмска музика, композиции од изворната македонска музика и други пригодни нумери. Специјален гостин на концертот ќе биде националниот уметник, оперскиот пејач, Борис Трајанов.

На Новогодишниот концерт на Воениот оркестар ќе присуствуваат: Министерот за одбрана Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, амбасадори и претставниците на воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија, активните и пензионирани генерали во АРМ, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, припадници од сите команди и единици на АРМ и други гости.

Утре, Воениот оркестар, како единствен воен професионален дувачки оркестар во државава, по втор пат ќе одржи целовечерен концерт во предвечерието на Новата година, со кој ќе се претстави пред јавноста, со што ќе премине во традиција.

Во текот на 2014 година, Воениот оркестар имаше успешен настап во повеќе градови низ Република Македонија, каде граѓаните на Скопје, Гостивар, Делчево, Македонски Брод, Гевгелија и Крива Паланка имаа единствена прилика да уживаат во изведбите на познати музички дела од странски и домашни автори, како дел од проектот за јакнење на цивилно-воената соработка, но и за приближување на Армијата до граѓаните.

Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да го проследат и да известуваат за настанот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.