Новогодишна програма за најмладите на плоштадот „Магнолија“ во Битола

Денеска во Битола започна Новогодишната програма на која најмногу и се радуваат децата.Содржините започнаа во зоолошката градина каде што дечињата можеа да бидат дел од новогодишниот перформанс „Дедо Мраз во зоолошката градина“. Од 11.30 часот на Плоштадот Магнолија најмладите другаруваа со хитовите од детските фестивали, а можеа да ги погледнат и новогодишната детска претстава на „Студио кидс“, како и детската претстава на драмската група „Без маска“, насловена „Кавга меѓу две елки“. Пладневниот блок на детската програма заврши со детската претстава на „Солза и смеа“, насловена „Новогодишниот јунак Дедо Мраз“.

Вечерва новогодишната програма продолжува од 20 часот во големата сала на Центарот за култура со „Концерт на битолскиот камерен оркестар“.

Во понеделник, новогодишната програма на плоштадот „Магнолија“ започнува од 11 часот со музички блок од детскиот фестивал „Си-до“, а паралелно со нивните песни здружението на граѓани „Лотус Медиам“ ќе понуди новогодишна креативна работилница во која ќе се изработуваат детски играчки и украси. Во 11.45 низ музичко сценскиот спектакл „Собирач на желби“ најмладите ќе другаруваат со јунаците од детскиот театар „Бабец“ и детскиот хор „Ѕвончиња“.

„Новогодишна магична потера по Дедо Мраз“ е театарската претстава на ЗГ „Грин лист“ во која играат актери од Битолскиот народен театар, а на програмата е во понеделник во 13 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.