Новогодишни пакетчиња за децата со посебни потреби од „Лирија” и „Андреа Савески – Ќиќиш”

Волонтерите од Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во Тетово, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, денеска ги посетија децата со посебни потреби од ОУ „Лирија” и ОУ „Андреа Савески – Ќиќиш” од Тетово. Честитајќи им ја Новата година на дечињата од двете тетовски основни училишта, волонтерите им посакаа многу среќа, радост, добро здравје и им подарија новогодишни пакетчиња.

„Голема чест и задоволство ми е како волонтер во Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во Тетово да бидам во присуство на овие дечиња, кои заслужуваат внимание и радост во овие предновогодишни мигови, да им подариме пакетчиња и да им посакаме да им се исполнат сите соништа во годината што доаѓа“, изјави Пранвера Имери, волонтер во Народната канцеларија во Тетово.

Директорката на ОУ „Андреа Савески – Ќиќиш”, Славка Митрушевска, изрази благодарност до кабинетот на претседателот Иванов и до волонтерите за посетата и за организацијата на ова денешното дружење. Децата во знак на благодарност на гостите им испеаја новогодишни песни.

Предновогодишното другарување, беше организирано од волонтерите од Народната канцеларија во Тетово со поддршка од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.