Новотни: Биткоинот треба да се оданочува и регулира

Владите би требало да го регулираат и оданочуваат биткиинот, порача во средата високиот функционер на Европската централна банка (ECB), Евалд Новотни, и тврди дека оваа криптовалута е предмет на шпекулации и алатка за перење пари.

„Би требало да се променува основното правило коешто важи за сите други финансиски трансакции: сите учесници би требало да го објават својот идентитет“, истакнува во разговорот за германскиот дневен весник Sueddeutsche Zeitung, членот на Управниот совет на ECB, Евалд Новотни.

„Потребен ни е данок на додадена вредност за биткоинот, имајќи предвид дека не станува збор за класична валута“, појаснува Новотни.

Неговата порака се надоврзува на сличните оцени на други функционери на ECB, кој спектакуларниот подем на вредноста на биткоинот го сметаат за балон а не за знак дека дигиталната валута во одреден момент може да почне да претставува конкуренција на еврото.

Таканареченото „дигитално злато“, сепак, им задава главоболки на централните банки, бидејќи на оние кои перат пари им овозможува да ги заобиколат сѐ построгите прописи, коишто важат за традиционалниот финансиски систем.

„Не може да се дозволи ни да одлучуваме дека повеќе нема да примаме банкноти од 500 евра за да го сузбиеме перењето пари и да воведуваме построги прописи за секоја здружение за штедења, колку и мало тоа да е, а потоа да мораме да гледаме како луѓе со биткоините спокојно перат пари ширум светот“, истакнува Новотни.

Биткоинот е најпознатата и најпопуларна виртуелна валута чијашто вредноста во последните месеци остро се зголеми, од околу 1.000 американски долари пред една година, на 19.500 долари колку што чинеше во декември, во последниот период сепак да се спушти по предупредувањата на владите, националните регулатори на финансиските пазари и аналитичарите за ризиците и осцилациите поврзани со криптовалутите.

Гувернерот на австриската централна банка во разговорот признава дека темата на биткоинот заинтригирала широк круг граѓани, наведувајќи дека луѓето во подземната железница во Виена сега се прашуваат дали наместо злато сега треба да купуваат биткоин.

Истовремено истакнува дека централните банки мора да интервенираат само доколку биткоинот предизвика промени во однесувањето на луѓето. Засега нема знаци дека такво нешто се случува, констатира Новотни, додавајќи дека силните осцилации на вредноста на биткоинот и бавноста на трансакциите ја отежнуваат неговата употреба во секојдневните плаќања.