Крими хроника

Со нож се заканувал дека сите ќе ги убие во ноќен клуб во Струга

Со нож се заканувал дека сите ќе ги убие во ноќен клуб во Струга
Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „загрозување на сигурноста“ и „тешка телесна повреда“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Д.Ш. (37) од струшкото село Радолишта.

СВР Охрид соопшти дека на втори овој месец околу 3 часот, пријавениот влегол во ноќниот клуб „Оаза“ во Струга и почнал да крши шишиња и чаши, а по интервенција на полицијата кај него бил пронајден нож.

– Во еден момент извадил нож и почнал да замавнува кон присутните гости во објектот и да се заканува дека сите ќе ги убие. Со брза полициска интервенција, Д.Ш. е приведен, по што одземен му е нож во расклопена состојба со сечило во должина од 10 сантиметри, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Пет дена подоцна, додаде, пријавениот со нож го нападнал лицето И.М. (19) од селото Радолишта при што му нанел убодна рана во пределот на градниот кош.

– Настанот се случил на 7 август во 2 часот и 30 минути, при нивна вербална расправија во казиното „Сенатор“ во Струга. Караницата продолжила и надвор од казиното, каде во еден момент пријавениот Д.Ш. извадил нож и на И.М. му нанел убодна рана во градниот кош. Повредениот со возило на брза помош е пренесен на хируршкото оделение во Општата болница во Струга каде е констатирана тешка телесна повреда, нанесена од левата страна со пробив на ѕид од граден кош. Поради сериозноста на повредите е задржан на понатамошно лекување, изјави Димоски.

Набрзо по настанот,  полициските службеници го пронашле и го привеле Д.Ш., при што кај него бил пронајден нож на расклопување со сечило од девет сантиметри, две најлонски паковки со непозната зелена растителна материја, една рачно изработена цигара (џоинт), едно шишенце со таблети розева боја и ризли со натпис „smoking delux“.

Одземените предмети се доставени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.